Физичката активност е моќен сојузник во подобрувањето на менталното здравје
Правилна исхрана, умерена физичка активност, квалитетен сон, справување со стрес, намален внес на шеќери и преработена храна, умерена употреба на алкохол, престанок со пушење цигари се само дел од навиките кои можат да влијаат на намалување на бројот на пациенти и смртни случаи од најчестите масовни незаразни болести како што се кардиоваскуларните заболувања, дијабетес и респираторни проблеми. Заклучокот на неодамна одржаниот симпозиум, дел од проектот “Стоп за лоши навики” во организација на “Здруженито на лекари специјализанти” е дека здравите навики се клучни за зачувување на севкупното здравје.
Превенцијата е клучот за намалување на ризикот од овие состојби. Со редовна физичка активност и соодветна исхрана, креирана според препораки од професионални фитнес тренери и здравствени експерти, можеме драстично да го подобриме нашето здравје.
„Живееме во време кога динамичниот и брз начин на живот има значително влијание врз нашето физичко здравје. Една од најчестите последици е гојазноста, која често доведува до сериозни здравствени проблеми како кардиоваскуларни заболувања, дијабетес и хормонални пореметувања. Физичката активност не е само превентивна мерка, туку и моќен сојузник во подобрувањето на менталното здравје и општата благосостојба. Со само 30 до 60 минути дневна активност, три до четири пати неделно, секој од нас може да инвестира во својата сила, виталност и долгорочно здравје. Апелирам до сите: не дозволувајте обврските да бидат пречка за вашето здравје. Со малку посветеност и добра организација, можете да создадете здрави навики кои ќе го трансформираат вашиот живот,“ вели Катерина Попева, фитнес инструктор.
“Во моето 20-годишно искуство, работев и работам со клиенти со различни здравствени состојби – од кардиоваскуларни заболувања и дијабетес до лица со малигни заболувања, автоимуни болести и мускулна атрофија. Преку персонализирани програми и поддршка, многу од нив успеаја не само да го подобрат своето здравје, туку и значително да го променат квалитетот на животот. “ – додава Катерина Попева.
Проектот „Стоп за лоши навики“ претставува повик до сите граѓани на Македонија да преземат активна улога во подобрувањето на сопственото здравје и благосостојба. Овој проект не е само за поединците, туку за целата заедница – затоа што секој од нас може да направи разлика. Време е за промена, и таа промена започнува со одлуката што ќе ја донесеме денес.
Овој текст е дел од проект “Стоп за лоши навики“. Повеке за проектот може да прочитате на следниот линк.