Финскиот претседател во ненајавена посета на Трамп на Флорида, познато е за што разговарале


Финскиот претседател Александар Стуб во саботата оствари ненадејна посета на САД каде што имаше средба со американскиот претседател Доналд Трамп на Флорида, при што двајцата лидери разговараа за зајакнување на билатералното партнерство на нивните земји и одиграа голф.

„Претседателот Стуб и јас со нетрпение очекуваме да го зајакнеме партнерството меѓу Соединетите Држави и Финска, вклучително и купувањето и развојот на голем број на многу потребни мразокршачи за Соединетите држави, обезбедувајќи мир и меѓународна безбедност за нашите земји и светот“, објави Трамп на својата платформа „Truth Social“.

Двајцата претседатели се сретнаа на појадок, играа голф и заедно ручаа. Тие разговараа и за прашања од надворешната политика, вклучително и за Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски се состана со Стаб во Хелсинки минатата недела.

Кабинетот на финскиот претседател соопшти дека ненајавената посета на Стуб на Трамп била неформална. Трамп пристигна на својот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, во петокот попладне, пред да се упати во голф-клубот што го поседува во Вест Палм Бич на голф турнир во саботата наутро.

Сенаторот Линдзи Греам му се придружи на тимот на Трамп, рече тој во објава на X, во која ги пофали и голф вештините на Стуб, кој играше голф како студент на Универзитетот Фурман во родната држава на Греам, Јужна Каролина.

Состанокот на Трамп со Стуб дојде еден ден откако потпретседателот Џеј Ди Венс непоканет го посети Гренланд, полуавтономна територија на блискиот нордиски сојузник на Финска, Данска.

Венс ја обвини Данска дека лошо си ја врши работата.

Трамп постојано изразува интерес за преземање на Гренланд, дел од зголемениот меѓународен фокус на конкуренцијата за контрола на Арктикот. Данската влада се противи на таков потег, како и повеќето Гренландци.

Трамп во интервју за NBC News во саботата рече дека „никогаш нема да ја исклучи воената сила“ за да ја постигне својата цел, но рече дека верува дека постои „добра можност“ тоа да се направи без прибегнување кон сила.

Запрашан каква порака ќе испрати преземањето на Гренланд до Русија и остатокот од светот, Трамп рече: „Навистина не размислувам за тоа. Не ми е гајле“.

Финска е водечки светски производител на мразокршачи. Околу 80% од бродовите биле дизајнирани од фински компании, а околу 60% биле изградени во фински бродоградилишта.

Во ноември, Канада, Финска и американската администрација на поранешниот претседател Џо Бајден потпишаа договор наречен „Icebreaker Collaboration Effort“ за да работат „заедно за да се развијат арктички и поларни мразокршачи од светска класа преку размена на знаење, информации и ресурси“.

Стуб пред неговата посета рече дека се надева дека ќе игра голф со Трамп и дека дипломатијата за кршење мраз може да и помогне на Финска да одржи добри односи со САД и Трамп.

Финска ја дели најдолгата граница на Европската унија со Русија. Откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, Хелсинки направи пресврт во надворешната политика по децении воено неврзување, одлучувајќи да се приклучи на НАТО заедно со Шведска.

Честите критики на Трамп кон сојузниците во НАТО и неговиот чекор кон нормализирање на односите со Русија принудуваат некои европски земји да се борат за да ги зголемат сопствените трошоци за одбрана.