Филипче вели дека ВМРО-ДПМНЕ имало таен план за црна кампања против него


Венко Филипче во Гевгелија

 

Носителот на листата на СДСМ и коалицијата во Четворката, Венко Филипче, денеска во Гевгелија изјави дека она што го добивал од теренот покажувало дека „поддршката која ја добиваме од граѓаните е одлична. На терен се потврдуваат сомнежите за местените анкети на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа не е ни чудо што никаде ги нема, а регионални штабови отвораат една недела по почнување на кампањата.

Од ден во ден, од посета во посета, гледам сè поголем ентузијазам кај нашите членови, но и кај сите граѓани кои пристапуваат, разговараат. Состојбата се менува и ВМРО-ДПМНЕ го очекува шокантен резултат, прво на 24 април, а потоа на 8 мај“.

Тој спомена дека неговиот главен ривал во Четворката, Александар Николоски и ВМРО-ДПМНЕ, веќе почнале „да бараат алиби за лошиот резултат кој ги очекува. Постојаните напади и негативна кампања врз мене, без ниедна друга понуда за граѓаните, покажува дека кај нив владее страв. Веќе десет дена од него не слушнавме ниеден конкретен проект, никаква конкретна понуда. За разлика од нив, ние веќе ги презентиравме клучните проекти и секојдневно сме на терен меѓу луѓето“.

Филипче нагласи дека имал информации оти „тајниот оперативен штаб за пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ спрема црна кампања против мене. Информациите се дека подготвуваат и фабрикувани кривични пријави со цел да ме замолчат или заплашат. Им порачувам дека таквите стратегии само ќе ги влечат повеќе кон дното. Притисоците воопшто не ме плашат, а не треба да се грижат ни граѓаните. Тајните оперативни планови со кои ја фабрикуваат реалноста не поминуваат. Граѓаните одамна го изгубија стравот од ВМРО-ДПМНЕ и нема да дозволат пак да бидат изманипулирани“.

Тој уште нагласи: „Јас, од друга страна, имам зад себе и дела, а и конкретен план за во иднина. Тука сум да им ги презентирам нашите планови на граѓаните, да се сретнам со што поголем број на луѓе и да понудам помош и поддршка секаде каде што можам. СДСМ нема од што да се срами, зад себе има реализирано успешни проекти и поважно, има искрени намери за иднината. Со исправени глави можеме да ја бараме поддршката од луѓето и тоа ќе го правиме“.

Александар Николоски подоцна одговори на овие тврдења на Филипче од  митингот во општина Василево, вејќи дека тој не водел црна кампања против него, туку дека граѓаните очекуваат одговор на пет прашања, меѓу кои „каква е неговата улога во прерано згаснатите 14 човечки животи кои што за жал живи изгореа при пожарот на модуларната болница во Тетово, како и дали неговата улога во притисокот врз сопственикот на една приватна болница за неа да ја продаде на бизнисмен од Албанија“.