Филипче: Општата болница во Кочани нема да се затвора


Министерот за здравство Венко Филипче ја посети општата болница со проширена дејност во Кочани. На средбата со стручниот колегиум од болницата, потенцираше дека оваа болница нема да се затвора и истите услуги кои досега беа давани ќе продолжат да се даваат на пациентите од Кочани и околните места, соопшти денеска Министерство за здравство.

-Критикувани бевме дека ќе ја затвориме Општата болница Кочани, но не станува збор за затворање, туку за модел на нивно унапредување, каде за истите пари од Фондот ќе добиеме подобри услови за работа на здравствените работници и подобри услови за пациентите, истакна министерот Филипче на вчерашната средба во болницата во Кочани.

Според него, концептот за регионализација ќе донесе голем бенефит за жителите, а болницата во Кочани ќе стане регионален центар за ампутации, каде ќе се вршат ампутации на пациенти од целата држава.

Министерот Филипче посочи дека концептот на јавно приватно партнерство ќе биде разгледан со вработените и по завршување на физибилити студиите, ќе се отвори широка јавна дебата. Дејностите ќе останат, а приватниот партнер би инвестирал во инфраструктурата.

Според специјалностите во секоја установа, ќе се направи листа на дејности и регионализација. Со регионализација ќе се зајакнат капацитетите на точно утврдените дејности во секоја установа.

На состанокот, министерот Филипче истакна дека нема да биде наметнато решение, нема да се затвoраат болници, туку ќе се направи реорганизација, се со цел унапредување на здравствената заштита за пациентите.