Филипче го нарече „државен удар“ намерното запирање на евроинтеграцијата

Што ќе се случи со парите од ЕУ за Македонија ако сите отидат напред, а ние останеме без преговори - запраша Филипче, откако амбасадорот Рокас најави укинување на ИПА и замена со нови механизми за финансирање


Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции порача дека додека Европската Унија го забрзува процесот на проширување, а   Македонија останува единствената земја кандидат која не бележи никаков напредок. Филипче посочи дека регионот се движи напред, а Македонија стагнира во момент кога Европската Унија јасно покажува дека проширувањето е еден од нејзините клучни приоритети, што се потврдува и со конкретните чекори што ги презема кон земјите кандидати.

„Секој ден гледаме како регионот оди напред. За жал, ние стоиме во место. Кога регионот оди напред, а ние не правиме ништо, тоа е и назадување. Ќе дојде временски период во кој веќе нема да може да се споредуваме со никого, затоа што едноставно луѓето овде нема да ја гледаат иднината.Се поставува прашањето дали намерното запирање на европскиот пат не е форма на државен удар. Кога се знае што треба да се направи, кога ниту едно поглавје не е отворено, а четири земји кандидати за Европската Унија одржаа меѓувладини конференции во еден ден, Албанија и Црна Гора, понатаму Молдавија и Украина“, рече Филипче.

Тој нагласи дека Македонија денес е единствената земја кандидат без отворено преговарачко поглавје, додека останатите држави веќе се движат кон полноправно членство.

„Очигледно е дека не одиме напред. Ние сме единствената земја која нема отворено поглавје за преговори, додека овие четири земји кандидати очигледно ќе бидат следните земји членки на Европската Унија“, рече Филипче.

Во обраќањето, Филипче посочи дека институциите на Европската Унија со конкретни политики и финансиски одлуки покажуваат дека проширувањето е еден од нивните главни приоритети.

„Со конкретни чекори претставниците на Комисијата и на Советот кажуваат дека проширувањето е еден од четирите приоритети на Европската Унија во овој период, помошта за Украина, која веќе се финализираше по промената на власта во Унгарија, понатаму реконструкцијата на Европската банка и прашањето на вештачката интелигенција“, рече Филипче.

Тој  посочи дека последните извештаи на Европската Унија се сериозно предупредување за назадувањето на државата во клучните области – владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и слободата на медиумите.

„Со жалење можам да констатирам дека се лоши последните извештаи од страна на Европската комисија, од сите официјални лица кои доаѓаат од Европската Унија. Влијанието на оваа власт врз правосудството, независноста на правосудството, отвореното влијание од страна на највисоките инстанци на власта, слабиот перформанс во борбата со корупцијата, влијанието на ‘српскиот свет’ и со тоа влијанието на Русија врз овој регион, овде на Балканот, на овој дел од Европа, се нешто што отворено стои во извештаите“, истакна Филипче.

Тој нагласи дека покрај состојбите во правосудството, сериозни забелешки има и за слободата на медиумите.

„Контролата на медиумите, притисокот врз новинарите, исто така се констатирани во извештаите на Европската Унија. Нешто што е целосно контрадикторно со најавите дека ние сакаме да одиме кон Европа од страна на власта, а притоа не се прави чекорот напред кој треба да се направи“, рече Филипче.

Според него, Македонија нема друга алтернатива освен продолжување на европскиот пат.

„Едноставно, нема друг извор и немаме алтернатива, освен членството во Европската Унија, кое како стратешки пат започна во 1991 година, од независноста на Македонија“, рече Филипче.

Тој истакна дека пристапниот процес кон ЕУ носи конкретни придобивки за државата и за граѓаните.

„Тоа исполнување на критериумите, откако ќе се отворат поглавјата, е она што ја зајакнува нашата држава, тоа што го менува системот, тоа што ни отвора простор и пристап до фондовите на Европската Унија, до кои не можеме да дојдеме на поинаков начин, ниту можеме да најдеме алтернативен извор во овој момент. Имаме примери од земјите кои последни влегле во Европската Унија, тоа се Бугарија и Хрватска. Како благодарение на пристапниот процес и членството во Европската Унија се сменија тие земји. Знаеме што беа Хрватска и Бугарија пред нивното членство во Европската Унија. Знаеме колкава сума пари, милијарди евра, им се отвори можност да користат како грантови од Европската Унија за инфраструктурни проекти кои ги сменија и Хрватска и Бугарија. Да не зборуваме за Романија и другите држави. Италија и Шпанија се променети поради членството во Европската Унија, економии со кои ние не можеме ни оддалеку да се споредуваме“, рече Филипче.

Филипче нагласи дека проширувањето повторно е меѓу врвните приоритети на Европската Унија, но предупреди дека Македонија ризикува да ја пропушти оваа можност доколку продолжи застојот во евроинтеграциите.

„Што ќе се случи ако ситуацијата овде остане статус кво? Што ќе се случи со предвидувањата со креирањето на следниот седумгодишен буџет на Европската Унија? Дали ќе бидеме предвидени како земја која ќе може да користи финансиски средства од Европската Унија во следниот седумгодишен период или ќе останеме на маргините со некои мали буџетски ставки кои ќе можеме да ги користиме само за одредени работи, ако власта не покаже желба, волја и конкретни насоки и чекори за продолжување на европскиот пат?“, посочи Филипче.