Филипче бара одговори зошто реакцијата во Гостивар не била навремена
Претседателот на СДСМ праша зошто институциите не реагирале веднаш кога започнал да расте бројот на заболени граѓани
Претседателот на СДСМ денеска отиде во Гостивар и од таму порача дека здравствената криза со загадената вода отвора сериозни прашања за навременоста на институционалната реакција и одговорноста на надлежните.
„Чија е одговорноста за работите коишто се случувале и она што сега се случува, односно како може да се спречи и дали се заканува уште поголема катастрофа од тоа што сега се случува во Гостивар“, истакна Филипче.
Тој праша зошто институциите не реагирале веднаш кога започнал да расте бројот на заболени граѓани.
„Зошто кога се случил наплив на пациенти во болницата, не се истражило добро на што се должи тој зголемен број на пациенти во болницата, па можело уште порано да се реагира. Зошто ништо не се направило од страна на здравствените власти да се изменаџира прашањето епидемиолошки, да се анализира од каде доаѓаат симптомите, на што тие се должат“, рече Филипче.
Според него, треба да се одговори на прашањето зошто водата не била контролирана секојдневно. „Зошто Центарот за јавно здравје не го испитувал квалитетот на водата секој ден?“, праша претседателот на СДСМ.
Тој рече дека и денес постојат сериозни ризици доколку не се обезбеди безбедна вода за граѓаните и за угостителските објекти.
„Од каде ја носат рестораните? Од каде ја носат граѓаните и ја користат? Кој ја проверил таа техничка вода?. Ако и сега се користи неисправна вода, се заканува уште поголема опасност, а тоа е труење со храна“, како и ризик од појава на нова епидемија.
Тој побара Министерството за здравство и надлежните институции веднаш да ги објават сите резултати од анализите на водата и целосно да ја информираат јавноста.
„Не можат здравствените власти, Министерството за здравство, министерот, премиерот, да молчат по овие прашања. Треба јавно да ги објават резултатите од контролата и сите параметри на водата. Граѓаните мора да знаат“, порача Филипче.
Тој нагласи дека посетата на СДСМ во Гостивар нема политичка цел, туку е насочена кон помош за најпогодените граѓани и барање одговорност за институционалните пропусти кои доведоа до ваквата здравствена состојба.
Филипче рече дека со „Христијан Мицкоски на власт и неговата организирана криминална група нема политичка и морална одговорност за здравствената катастрофа во Гостивар, а граѓаните се оставени сами да се справуваат со последиците кои ги доведоа во прашање елементарните човекови права, граѓанските права, тоа е правото на здравје, здравата почва и здравата вода. Кога системот го менаџира мала група на луѓе околу Христијан Мицкоски, граѓаните се оставени сами да се справуваат со последиците. Затоа бараме одговорност, транспарентност и конкретни мерки за заштита на здравјето на луѓето“, порача претседателот на СДСМ од Гостивар.