Фицо до Кошта: Интересите на членките на ЕУ мора да бидат пред интересите на Украина


Словачката Влада не може да ја прифати едностраната и штетна одлука на украинскиот претседател Володимир Зеленски за прекин на транзитот на руска нафта, изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо.

Тој нагласи дека очекува властите на ЕУ да извршат притисок врз украинското раководство за да продолжи протокот на нафта. Оваа изјава доаѓа по неговиот телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во рамките на подготовките за самитот на лидерите на ЕУ во Брисел на 19 и 20 март.

– Го ценам тоа што значителен дел од нашиот речиси 45-минутен разговор го посветивме на прашањето за обновување на работата на гасоводот ’Дружба‘ на украинска територија. Словачката влада не прифаќа ваков потег и очекува ЕУ да изврши притисок врз Киев за обновување на протокот на руска нафта, чиј увоз е одобрен до крајот на 2027 година –  рече Фицо.

Словачкиот премиер истакна дека во разговорот нагласил дека ЕУ не смее да им дава приоритет на интересите на Украина пред интересите на земјите членки, како што се Словачка или Унгарија.

– Исто така изразив незадоволство од фактот што Европската комисија сè уште не претставила никакви конкретни предлози за намалување на цените на електричната енергија, како што повеќепати бараа премиерите и шефовите на државите членки на ЕУ – додаде Фицо.