Фестивалот ЕГЗИТ ѝ донесе повеќе од 270 милиони евра на српската економија
Фестивалот ЕГЗИТ (EXIT) со своето издание за 2024 година донесе значаен придонес во економијата на Нови Сад и Србија во износ од 23,7 милиони евра, со што вкупниот економски ефект на фестивалот од неговото формирање надмина 270 милиони евра.
Во јули годинава фестивалот ЕГЗИТ собра повеќе од 210.000 посетители од 120 земји од светот, а посетителите од странство сочинуваа 67 отсто од вкупната публика.
Истражувањето на „ТИМ Центарот“ од Нови Сад покажа дека 83,3 отсто од испитаниците изјавиле дека дошле во Нови Сад исклучиво за фестивалот, што, како што се наведува, потврдува дека ЕГЗИТ игра клучна улога во позиционирањето на Нови Сад и Србија на глобалната туристичка сцена.
Мнозинството странски гости беа од Унгарија, Германија, Турција, Русија, Австрија, Холандија, Англија, Романија, Франција, Италија, Грција, Бугарија, Чешка, Словачка, но и од Мексико, Австралија, Аргентина, Индија и Сенегал, пренесува Бета.
Во регионот доминираа посетители од Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.
Годинава 46 отсто од посетителите на Петроварадинската тврдина првпат беа на фестивалот.
За време на фестивалот во Нови Сад и Србија, посетителите во просек потрошиле по 592 евра, што е за 25 евра повеќе од претходната година.
Туристите од Западна Европа во просек потрошиле 832 евра, а посетителите од Источна Европа во просек по 688 евра, односно 64 евра повеќе од лани.
Највисока просечна потрошувачка имаа посетителите надвор од Европа, кои во просек потрошија 981 евро, што е за речиси 88 евра повеќе по човек од лани.
Беше оценето дека фестивалот придонесува за меѓународна промоција на Нови Сад и Србија, која се случува пред, за време и по фестивалот ЕГЗИТ, а која светските медиуми ја оквалификуваат како непроценлива.
Просечната возраст на посетителите кои учествувале во истражувањето е 25,3 години, што е речиси идентично со претходната година (25,5).
Високо образованите посетители, вклучително и студенти, сочинуваа 72 отсто од публиката.