Фестивал на француски филм „Корзика во фокус“ од денеска до 20 јуни


Од денеска до 20 јуни ќе се одржува Фестивалот на француски филм „Корзика во фокус“. Како што информира Францускиот институт Скопје, ова фестивалско издание е посветено на современата француска филмска кинематографија, која се одликува со креативност, автентичност и динамика и е една од најинтересните гласови на европската кинематографија.

-Ова издание, кое повторно се организира по пауза од девет години, ќе понуди четири значајни филмски остварувања, но и единствена можност за средба со режисерите и актерите. Гости на фестивалот се режисерите Жилиен Колона, Тјери де Перети и Фредерик Фаручи, како и актерите Алекси Мананти и Андреа Коси. Тие ќе се сретнат со македонската публика по проекциите, а нивното присуство ќе придонесе фестивалот да биде не само филмски настан, туку и простор за размена и дијалог, се наведува во соопштението. 

Покрај проекциите, во рамките на фестивалот се предвидени и професионални средби на француските синеасти со домашните филмски професионалци и со студентите од Факултетот за драмски уметности.

-Ова издание се одржува во особено значаен контекст за француско-македонската културна соработка. Имено, потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Амбасадата на Франција, на 12 јуни, во Францускиот институт во Скопје, отвора нови перспективи за соработка во аудиовизуелниот сектор, филмот, културните и креативните индустрии, професионалната обука, уметничката мобилност и размена, информира Францускиот институт. 

Фестивалот вечер од 19 часот во кино „Синеплекс“ ќе биде отворен со филмот „Кралство“ (Le Royaume) на Жилиен Колонаи и ќе следува разговор со режисерот. В четврток и в петок  проекциите, исто така, ќе бидат во киното „Синеплекс“ од 19 часот – утре ќе биде прикажан филмот „Фотографка“ (À son image) на Тјери де Перети и ќе има разговор со режисерот, задутре е проекцијата на филмот „Мохиканец“ (Le Mohican) на Фредерик Фаручи, со Алекси Мананти во главната улога, по што ќе следува разговор со режисерот и актерот.

Последната фестивалска вечер, в сабота 20 јуни, ќе биде на отворено во Кинотеката, со почеток во 20.30 часот. Филмот за затворање е  „Грабнување“ (Le Ravissement) на Ирис Калтенбек. хс