Фејсбук има ново лого


По бројните скандали и пропусти со податоците и приватноста на корисниците, компанијата Фејсбук се менува, но не така што нешто ќе поправи (на тоа сè уште се работи), туку со потег во насока на визуелниот идентитет на компанијата.
По 15 години постоење, Фејсбук има ново лого, а од компанијата разјаснија неколку работи, како и интеграцијата со Инстаграм и Ватсап. Од компанијата велат дека станува збор за нов визуелен идентитет.

Новото лого не подразбира целосно различно лого од старото, зад кое беа сината боја и белите букви, туку многу повеќе слобода.
Со овој потег, се наведува на Фејсбук блогот, сакаат да ја одвојат компанијата од Фејсбук апликацијата, која останува самостоен бренд и сакаат да направат појасна разлика меѓу социјалната мрежа и компанијата.
„Луѓето би требало да знаат која компанија ги прави апликациите кои ги користат и затоа е донесена оваа промена“, стои во официјалната објава.

Фејсбук компанијата стои зад апликацијата Фејсбук, но и зад апликациите Месинџер, Инстаграм, Ватсап, Окулус, Воркплејс, Портал и Калибра.
Фејсбук на оваа промена се одлучи по измената на имињата на Ватсап и Инстаграм кои сега се викаат Ватсап фром Фејсбук и Инстаграм фром Фејсбук.
Покрај визуелната промена Фејсбук има и нов сајт на компанијата, како и низа други измени во смисла на визуелниот идентитет.