Фатах го повика Хамас да ја предаде власта во Газа

Палестинското движење Фатах, кое управува со окупираниот Западен Брег, го повика денеска својот ривал, милитантната група Хамас, да ја предаде власта во Појасот Газа.
Портпаролот на Фатах во Газа, Мунтер ал-Хајек, го повика Хамас да се откаже од власта, велејќи дека нивното владеење во енклавата го загрозува палестинското прашање.
Тој ја даде изјавата откако вчера, наводно, избија големи протести во палестинската енклава, при што демонстрантите извикуваа слогани против Хамас.
Фатах го повика Хамас да ги слуша „барањата на народот и да попушти за општото добро“ и нагласи дека ставањето крај на убиствата на децата требало да биде приоритет.
Хамас претходно соопшти дека е подготвен да ја отстапи контролата врз Газа по завршувањето на војната со Израел и го поздрави предлогот за обновување на енклавата инициран од Египет, кој повикува на формирање технократска влада која ќе управува со територијата во првата фаза од планот.