Фантастично оживување на „Ноќна стража“ на Рембрант среде трговски центар во Амстердам (видео)


Амстердам– Славната слика на Рембрант „Ноќна стража“, една од најпознатите во светот, „оживеа“ меѓу збунетите посетители на познат трговски центар во Амстердам, Холандија. Луѓето се тргаа на страна, мислејќи дека е некоја вежба или „историска“ инвазија.

Ремек-делото што секоја година привлекува повеќе од два милиони посетители, во 2019 година, беше реставрирано од амстердамскиот „Ријксмусеум“, како најголем реставраторски потфат во историјата, кој се одвиваше зад стаклен ѕид во почесната галерија на музејот, пред очите на посетителите. Реставрацијата на големото платно, беше пренесувано и директно на интернет, за да може сите да ја гледаат постапката.

Проектот наречен „Операција ноќна стража“ чинеше неколку милиони евра, а е прв од вакво значење во историјата. Станува збор за истражувачка работа и најголема и најкомплетна реставрација на Рембрантовото ремек-дело во историјата, како што соопшти музејот.

Холандскиот сликар Рембрант ван Ријн (1606-1669 г.) во 1642 г. добил нарачка од капетанот на амстердамската градска стража да ги наслика припадниците на стражата. Последен пат сликата е реставрирана пред повеќе од 40 години, по нападот од 1975 година, кога е расечена со нож од посетител. По овој настан, експертите забележале дека на некои делови на сликата се губи бојата, особено околу местата оштетени од ножот.

– Последниве години забележавме како на долниот дел на сликата се појавува бел сјај. Сакавме да откриеме за што се работи за што подобро да ја реставрираме сликата – објасни директорот на музејот Тако Дибитс, кога ја најави реставрацијата во 2019. 

За да го направат тоа, експертите ја проучија сликата со помош на фотографија со висока резолуција и со помош на анализа на платното и секој слој на боја и лак, пред да одредат со какви техники ќе работат. Пред реставрацијата, „Ноќна стража“ беше во фокусот на изложбата организирана по повод 350-годишнината од смртта на славниот холандски сликар.

 

Еве, како реагираа посетителите на „оживувањето“ на славната слика кое на крајот доби силни аплаузи.