„Фајзер“ најави доцнење на вакцините за ЕУ, државите загрижени
Министрите за здравство на шест држави од ЕУ изразија „сериозна загриженост“ за доцнењето во испораката на вакцината Фајзер / БиоНТех против новиот корона вирус.
Министрите на Данска, Естонија, Финска, Литванија, Латвија и Шведска преку писмо ја осудија денеска таа „неприфатлива“ ситуација што го доведува во прашање „кредибилитетот на процесот на вакцинирање“.
Американската лабораторија Фајзер предупреди дека ќе ја забави испораката на вакцини против корона вирусот во Европа од следната недела, се додека компанијата не ги подобри своите производствени капацитети.
Компанијата ги проширува своите капацитети за зголемување на производството од 1,3 на две милијарди дози годишно.
Во писмото, министрите побараа ЕУ итно да стапи во контакт со компанијата и ја истакнаа потребата да се обезбеди стабилност и транспарентност со навремено доставување вакцини.
„Привременото намалување на испораките ќе влијае на сите европски земји“, изјави портпаролката на Фајзер во Данска, Лајн Федерс.
Во изјава за американски медиуми таа додаде дека Фајзер ќе го зголеми производството во својата фабрика во Пуру, Белгија, поради што ќе биде потребно прилагодување на постројката и процесите во фабриката, за кои се потребни нови тестови за квалитет и одобренија на владата.
„Поради тоа, помали дози на вакцини ќе бидат достапни за европските држави кон крајот на јануари и почетокот на февруари“, изјави Федерс.