„Фајзер“ ќе донира вакцини за спортистите на Олимписките игри во Токио
Производителите на вакцини „Фајзер“ и „Бионтек“ ќе донираат дози за инокулација на спортисти и официјални лица кои се подготвуваат за Олимписките игри во Токио.
Испораката на дозите треба да започне овој месец за да им се даде време на олимписките делегации да бидат целосно вакцинирани со втората доза пред да пристигнат во Токио. Игрите треба да бидат отворени на 23 јули.
Тоа е втор голем договор за вакцинација за Меѓународниот олимписки комитет. Во март беше објавен договор меѓу МОК и олимписките претставници во Кина за купување и дистрибуција на кинески вакцини пред игрите во Токио и Зимските игри во Пекинг следната година.
Во меѓувреме во Јапонија, онлајн петицијата со која се повикува на откажување на Олимписките игри во Токио, за неколку дена доби десетици илјади потписи. Токио, Осака и неколку други области се под вонредна состојба со зголемени инфекции со корона вирус. Насловот на петицијата на англиски јазик гласи: „Откажете ги Олимписките игри во Токио за да ги заштитите нашите животи“.