Евровизиската „Here I Stand“ доби ремикс верзија: Гарванлиев владее со сцената во Ротердам


Евровизиската “Here I Stand“ на Гарванлиев доби ремикс верзија, изработена од светски познатиот диџеј Тони Моран, кој има платинести ремикси за Мараја Кери, Витни Хјустон и Дебра Кох. Ексклузивната информација денес на втората прес-конференција на Евросонг во Ротердам ја соопшти нашиот евровизиски претставник. Тизерот веќе е објавен.

Васил кој е омилен меѓу домаќините на Евросонг, како што ни изјави Александра Јовановска која ја предводи делегацијата од МТВ и која одлично ги познава евровизиските протоколи, владее со сцената.

-Се приближуваме кон целта, фокусирани и самоуверени, сите го признаваат талентот и вокалните способности на Васил, воодушевува со секоја интерпретација, вели за „Независен“ Јовановска.

Денес Гарванлиев ја имаше втората техничка проба и се уште се работи на настапот. Проба ќе има и на 17 мај, кога гласа жирито, и на 18 кога е преносот од првото полуфинале  кога гласа публиката. Гарванлиев настапува 6-ти. Второто полуфинале е на 20 мај.  На 16 мај ќе се случи свеченото отварање на Евросонг, со тиркизен наместо црвен килим. Финалето е закажано на 22 мај.

Чувството по пробата го опиша како емотивно и особено силно затоа што по толку долго време е повторно на сцена. Песната, вели, е инспирирана од неговиот живот и ги слави успесите и достигнувањата. Песна која ги обединува сите и песна со која секој може да се поврзе затоа што сите минуваме низ многу низ животот, но доаѓа момент да си признаеме за постигнатите успеси и да се гордееме со себе.

По успехот на Тамара Тодевска во 2019-та, Гарванлиев чувствува огромна одговорност, но воедно и ужива во предизвикот. Како предност го смета тоа што впрочем тој и беше дел од тимот кој таа година постигна историски успех, како придружен вокал на Тамара.

„Многу ми е драго што имав комплетно евровизиско искуство. Но, досега, со оној бран на емоција, љубов, поддршка, чувствувам нешто многу посебно овој пат“  – опишува тој.

Домаќинот на прес- конференцијата во Ротердам истакна дека техничката комплексност на песната е очигледна, по што Гарванлиев ја нарече „ѕверка“.

„Во принцип, единствениот дел каде што не пејам се оние дванаесет секунди кога пејат придружните вокали. Тоа е песна која се надградува, почнува бавно, станува многу голема, па тивка и за крај – големиот финиш. Многу технички елементи. Самата изведба е многу сложена, заедно со ефектите кои ги видовте“ – дополни.

Нарекувајќи се перфекционист, Гарванлиев смета дека треба уште работа за клучните елементи на настапот да бидат усовршени.

„Сакаме да ја претвориме темнината во светлина“ – порачува Гарванлиев и објаснува дека токму тоа е функцијата на огледалата и златните светла во склоп на сценскиот настап. Инспирирани од кинтсукурој, јапонска техника со која скршениот порцелан се лепи со злато, Гарванлиев и сценската режисерка Тине Матулеси преку настапот се обидуваат да го доближат преносното значење до публиката.

„Како што реков, златото е инспирирано од кинтсукурој, јапонска техника со која скршениот порцелан залепен со злато станува уште поубав. Така започнува песната.  А, огледалата ги користиме за да ја претвориме темнината во светлина. Ќе се обидувате да не скршите и потиштите, но нема да ви дозволиме“ – заокружува. (Л.С.)