Европскиот обединет пазар сѐ уште недостапен за македонските производители на електрична енергија од обновливи извори


Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, очекува до крајот на годината да завршат сите процедури за да може од почетокот на наредната година производителите на електрична енергија од обновливи извори непречено да учестуваат на европскиот обединет пазар.

– Како Регулатор, секојдневно работиме на правната регулатива за поврзување на македонскиот пазар на електрична енергија со европскиот пазар. Засега и техничките и правните процедури се добри, особено со Законот за енергетиката, каде што е предвидена имплементацијата на сите европски регулативи и кој ја даде иницијативата. Во моментот се доработуваат сите акти во државата за сите ученици – од операторот до дистрибутери и конекци. Очекуваме дека до крајот на годината би требало формално да си ја завршиме домашната задача поврзана со сертификација и со одвојување на обновливите извори од изворите што произведуваат електрична енергија од фосилни горива за да може, конечно, сите домашни и странски инвеститори во земјата в година да станат учесници на европскиот обединет пазар – рече Ристов во одговор на прашање по денешната средба со новинарите во РКЕ.

 

Сега, како што рече, производителите имаат проблеми и не може да ја пласираат произведената електрична енергија во Европа.

– Оваа работа можеби можела и порано да се сработи, но се случи хиперпродукција во градбата на централите и за три години се изгради огромен број. Притоа правната регулатива некако како да оди побавно отколку изградбата на енергетски објекти со приватен капитал. Ќе направиме напори да направиме сè што е во наша можност да им помогнеме на производителите што побргу да станат дел од европскиот пазар – посочи Ристов.

Сертификацијата и начините на верификација и потврдувањето на производството ги определува Министерството за животна средина и просторно планирање и не се во надлежност на РКЕ.