Еврокомесарката Кос и министрите Јаневска и Сали во посета на студентскиот дом „Стив Наумов“


Министерката за образование и наука Весна Јаневска и првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, заедно со комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос ќе го посетат Државниот студентски дом „Стив Наумов“, каде се одвиваат активности за темелна реконструкција.

На крајот на мај министерката Јаневска направи увид во работите на реконструкцијата на овој студентски дом. Јаневска тогаш изјави дека Оо 1 октомври студентите ќе бидат сместени во реконстуираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, а до септември најдоцна се очекува да почне реконструкција и реновирање на сите други студентски домови во Македонија. 

За реконструкција и изградба на студентските домови ќе бидат потрошени околу 50 милиони евра, од кои 10 милиони евра се грант. Парите се обезбедени со заем од Германската развојна банка, а грантот е преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија. Во план е темелно реновирање на деветте државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и во Охрид. Реконструкцијата ќе се одвива во фази. Во првата фаза се реновираат домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје за што е склучен договор со компанијата „Страбаг АГ“, која ги изведува градежните активности.

Еврокомесарката Кос денеска е во Скопје на средби со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, со претседателот на Собранието Африм Гаши, вицепремиерот Сали, а ќе се сретне и се претставници на граѓански организации и медиуми.