Евроамбасадорот Гир го оцени првиот круг на изборите како мирен и демократски, очекува така да биде и на 8 мај
Се надеваме дека целиот процес ќе заврши со позитивни пораки и со позитивно чувство, рече евроамбасадорот Гир
Шефот на Делегацијата на Европската унија во земјава, Дејвид Гир, изјави денеска дека првиот круг од изборите за претседател на државата што се одржаа на 24 април, поминале во генерално мирна и демократска атмосфера, што беше и прелиминарната оценка на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
Тој очекува дека таквата атмосфера ќе се задржи и во кампањата која е во тек и на изборниот ден на 8 мај кога заедно ќе се одржат парламентарните избори и вториот круг од изборите за претседател на државата.
„Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР го издаде прелиминарниот извештај од првиот круг на изборите. Изборите се одвиваа во генерално мирна и демократска атмосфера и се надеваме дека во вториот круг на претседателските избори и во кампањата за парламентарните избори тие ќе се надградат во овој позитивен замаец што ќе овозможи целиот процес да заврши со позитивни пораки и со позитивно чувство“, рече Гир на одбележувањето на Европската недела на имунизација што се одржа во Градскиот парк во Скопје.