„Еуроњуз“ и турскиот ТРТ го зајакнуваат присуството на Балканот
Најавеното проширување на „Еуроњуз“ и турската државна ТРТ на Балканот наиде на загриженост кај медиумските експерти. Тие гледаат две причини зад плановите на двата медиуми за проширување на локалните јазични сервиси на Балканот – „Еуроњуз“ сака да заработи пари, додека ТНТ сака нова алатка за политичко влијание.
Во текот на изминатите 15 години, западните медиумски гиганти, како што е Би-Би-Си, во голема мера отстапија од својата доминантна улога на Балканот и беа заменети со турската новинска агенција Анадолу, рускиот Спутник и катарската Ал Џезеира.Радио Слободна Европа, финансирано од САД, се уште емитува вести на локалните јазици, додека Би-Би-Си почна повторно да објавува дигитални вести на српски јазик од 2018 година, што ја одразува нервозата на Западот поради зголеменото влијание на Балканот од страна на Русија, Кина и Турција.
Сега Турција го засилува своето присуство, објавувајќи создавање на ТРТ Балкан, што ќе биде продолжена рака на турската државна радиотелевизија, која ќе има седиште во Скопје и ќе објавува вести на македонски, босански, хрватски, српски, албански, бугарски, турски и англиски. Наедно ќе има регионална канцеларија во главниот град на Босна, Сараево.
ТРТ Балкан ќе се соочи со конкуренција од паневропскиот радиодифузер „Еуроњуз“ во форма на две нови медиумски јазични сервиси-српски и романски-што ќе бидат отворени оваа година, приклучувајќи се на „Еуроњуз“ на албански, што започна да се емитува во 2019 година. Тие влегуваат во медиумскиот пазар нарушен од сомнителна сопственост, широка цензура и силно политичко мешање.