Еуроњус: Кои сектори во Србија би имале предност од слободниот пазар на работа на Отворен Балкан


 

Слободниот пазар на труд во рамки на Отворен Балкан меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија треба да стапи на сила оваа есен. Ова подразбира слободно движење на работниците и вработување без дозволи кои вообичаено им се потребни на странците, тоа е иницијатива која треба да им помогне на работодавачите во Србија на кои им недостасува работна сила полесно да најдат работници, соопшти Еуроњус Србија во анализата на оваа тема.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, угостителството и туризмот, се секторите кои беа меѓу најпогодените за време на пандемијата и во кои многу луѓе или останаа без работа или ги напуштија своите работни места поради кризата. Оваа година има мало закрепнување.

-Во угостителството и хотелиерството во туризмот има катастрофална состојба, пред се, со едуциран кадар кој на некој начин може да ги исполни критериумите што ги поставивме на нашите работни места, голем број луѓе кои беа обучени, каде што се потрошени многу време, енергија и пари, ја напушти и никогаш не се врати на оваа делатност, изјави за Еуроњус Србија Александар Сеничиќ од Јута.

Слободното движење на работниците низ Отворениот Балкан може да му помогне на туризмот.

-Од таа страна можеме да очекуваме, се надевам пред се од Македонија поради јазичната бариера со Албанија, голем број кадри кои можат да го надополнат она што во моментов ни недостасува. Кога станува збор за Албанија, тоа можеме да го очекуваме, но веројатно не за оние работни места кои имаат врска директно со самите гости токму поради јазичната бариера, туку за некои работни места каде што не се директно изложени во комуникацијата, барем не на почетокот, истакна Сеничиќ.

Националната служба за вработување наведува дека освен во туризмот и угостителството, недостиг на работници има и во градежништвото и администрацијата. Сепак, не сите гледаат со оптимизам на Отворен Балкан.

-Ми се чини дека тоа е процес кој се одвива непланирано, се потпишуваат договори и документи, но не се зборува многу како да се спроведат. Колку што знам, и до сега луѓето одлучуваа да работат во Србија или Албанија, но во областа на туризмот не сум сигурен дека нешто од тие делатности ќе се прошири и на други, потребна е многу поголема соработка за тоа да се случи. Мораме да се договориме кому и каде му се потребни работници, па потоа да се договориме како да го надоместиме недостаток на работници, изјави Албан Дафа, од Институтот за демократија и медијација од Тирана.

А недостигот во најголема мера се чувствува, на работни места каде е потребно високо образование, особено во ИТ секторот, изјавија од Националната служба за вработување.

-Развојот на пазарот на трудот е условен од развојот на техничко-технолошките достигнувања, а овие нови достигнувања, особено во областа на информатичката технологија, бараат нови знаења и вештини, бараат подготвеност на луѓето постојано да се прилагодуваат и да стекнуваат нови знаења, да се преквалификуваат, за да го задоволиме пазарот на трудот, изјави Вања Златковиќ од Националната служба за вработување.

Сепак, реализацијата на идејата недостигот на работна сила да се замени со работници од соседните земји во голема мера ќе зависи од условите за работа што ќе ги понудат работодавците во тие земји, оценува Еуроњус во својата анализа.