ЕУ остро го осуди оштетувањето на подводните кабли во Балтичкото Море и најави нови санкции


 Европската унија денеска соопшти дека најостро ја осудува штетата на подводните кабли за напојување и податоци во Балтичкото Море, за кои се сомнева во Русија, и најави нови санкции насочени кон таканаречените руски флоти на танкери во сенка.

Европската комисија и шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, во заедничка изјава наведоа дека ги поздравуваат финските власти „за брзата акција и качувањето“ на бродот „Игл Ес“, за кој се сомневаат дека го оштетил електричниот кабел Естлинк-2, кој носи струја од Финска во Естонија преку Балтичкото Море.

Тој кабел престана да работи вчера. Претходно, во ноември, два кабли за пренос на податоци беа оштетени во Балтичкото Море, меѓу Финска и Германија и меѓу Литванија и Шведска. Германските власти рекоа дека станува збор за саботажа, но не дадоа докази за тоа, ниту кажаа кој би можел да биде одговорен.

Европската комисија и Каја Калас соопштија дека соработуваат со финските власти во истрагата, додавајќи дека бродот за кој се сомнева дека ги оштетил каблите е дел од руската флота на танкери во сенка – група стари, неосигурени бродови што ги користи Москва за да ги заобиколи западните санкции.

– Ја изразуваме нашата целосна солидарност со Финска, Естонија и Германија. Силно го осудуваме секое намерно уништување на важна инфраструктура во Европа. Бродот, за кој постои сомневање е дел од руската флота танкери во сенка што ја загрозува безбедноста и животната средина додека го финансира воениот буџет на Русија. Ќе предложиме дополнителни мерки, вклучително и санкции, насочени против таа флота, се вели во соопштението.

Комисијата и Калас додаваат дека како одговор на инцидентите, тие ги „зајакнуваат активностите насочени кон заштита на подводните кабли, вклучително и подобрено споделување информации, нови технологии за откривање, како и способности за поправка во подводни услови и меѓународна соработка“.

– Остануваме посветени на обезбедување издржливост и безбедност на нашата важна инфраструктура. Во моментов нема ризик за безбедноста во снабдувањето со електрична енергија во регионот, се вели во заедничката изјава.

Припадници на финската полиција рано утринава се качија на бродот „Игл Ес“, кој се наоѓа во финските територијални води. Бродот пловел под знамето на пацифичката држава Кукови Острови.