ЕУ обвинета дека се обидува да го укине Божиќ!


Европската комисија беше принудена да ретерира откако нејзиниот Водич за внатрешна комуникација беше виден како обид за откажување на Божиќ и за напад на „здравиот разум“.

Водичот од 30 страници наменет за користење на родово понеутрален, ЛГБТК+ јазик во Комисијата, беше подготвен од комесарката за еднаквост, Хелена Дали, кон крајот на октомври.Внатрешниот документ стигнал до италијанскиот таблоид “Il Giornale” што доведе до експлозија од реакции на социјалните мрежи во кои се вклучија дури и висок функционер во Ватикан, екстремно десничарски политичари и поранешен еврокомесар.Како резултат на тоа, Дали беше принудена да се повлече.

„Беше искажана загриженост во врска со некои примери дадени во Водичот за инклузивна комуникација што, како што е вообичаено со таквите упатства, е „работа во тек“, твитна еврокомесарката од Малта. „Ги разгледуваме овие грижи со цел да ги решиме во ажурирана верзија на упатствата“.

Документот е дел од планот што го поддржува претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен за спроведување на „Унија на еднаквост“ за да се осигура дека „секој е ценет и признаенбез разлика на пол, расно или етничко потекло, религија или убедување, попреченост, возраст или сексуална ориентација“.

Водичот бара од официјалните лица „никогаш да не и се обраќаат на публиката како „дами и господа“, туку да користат изрази како „Почитувани колеги““.
Тој, исто така, ги повика вработените во Комисијата да се воздржат од користење на термините „госпоѓица или госпоѓа“, освен ако тоа  експлицитно го претпочита лицето на кое му се обраќаат, а наместо тоа да користат „госпоѓа универзално“.Но, најконтроверзниот дел е „да се избегне претпоставката дека сите се христијани“.

„Не сите ги слават христијанските празници, ниту сите христијани ги слават на исти датуми“, се вели во документот. Притоа се советува персоналот да избегнува реченици како „Божиќ може да биде стресен“ и наместо тоа да користи „празниците може да бидат стресни“.

Исто така, да не се користи фразата „христијански имиња“ и наместо тоа да се користи „име“ или „презиме“, како и да не се користат имиња „кои обично се од една религија“. Притоа е даден примерот на користење „Малика и Хулио“ наместо „Марија и Џон“ за да се опише „меѓународен пар“.Упатствата, исто така, препорачуваат избегнување на употреба на „родови зборови“ како што се „ткаенини направени од човекот“, кои треба да се заменат со погенерички термини како „синтетички ткаенини“.

Насоките од Водичот не поминаа добро. Кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Ватикан и еден од највисоките функционери во Светата столица, изјави за Vatican News:

„Се разбира, знаеме дека Европа своето постоење и својот идентитет го должи на многубројни придонеси, но секако не можеме да заборавиме дека еден од главните придонеси, ако не и главниот, е самото христијанство“.

Екстремната десница беше типично згрозена.

„Европската комисија, преку внатрешен документ, ги смета божиќните прослави за недоволно инклузивни“, напиша Џорџија Мелони, лидер на крајнодесничарската партија Браќа на Италија, на својата Фејсбук страница.

„Во име на злобната идеологија, таа сака да ја потисне културата на еден народ. Нашата историја и нашиот идентитет не можат да бидат укинати, тие мора да се почитуваат“.

Матео Салвини, лидер на италијанската десничарска Лига, ги повтори критиките на Мелони. Тој ги нарече упатствата на Комисијата „глупости“, а подоцна ја исмејуваше нивната содржина.

„Мери, мајката. Џон, таткото. Да живее светиот Божиќ… Се надевам дека во Европа никој нема да биде навреден“, напиша тој на Твитер.

Дури и поранешен европски комесар се вклучи во нападите. Антонио Тајани, близок соработник на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони и некогашен претседател на Европскиот парламент, на Твитер напиша: „Да живее Европа на здравиот разум!“ по повлекувањето на Дали. (Политико)

Еден актуелен функционер на Комисијата, кој не сакаше да биде именуван, исто така ја удри Дали и нејзиниот документ. „Комесарката Дали го компензира својот целосен недостаток на тежина во Колеџот [на комесари] со повлекување од нејзината капа „инклузивни упатства“ кои ги деконструираат најелементарните правила“, рече вработениот. „Ние полудуваме. Со Дали, ние доживуваме надреализам“.

Европскиот парламент и Европскиот совет и дадоа слични препораки на Комисијата, но тие беа помалку експлицитни во нивните примери. Во јануари 2018 година, Советот ги издаде своите насоки за промовирање на употребата на „родово неутрални именки кои не прават претпоставки за тоа дали се работи за маж или жена што работи одредена работа или игра одредена улога“.