ЕУ – нешто повеќе од убав сон?


ЗДРАВКО САВЕСКИ 

Сосема очекувано – од ЕУ не добивме датум за почеток на преговорите. Заев, особено пред референдумот, уверуваше дека овој јуни ќе сме почнеле преговори за членство во ЕУ. Оние што се запознаени подобро со состојбите, уште пред потпишувањето на Преспанскиот договор, знаеја дека се исклучително мали шансите тоа да се случи, дури и ако се промени името на државата. Но, многумина му поверуваа на Заев. И гласаа на референдумот. Само поради една причина: конечно да се отвори патот на зачленување во ЕУ. Сега тие граѓани се разочарани. И им се придружија на нивните сограѓани кои веќе се разочарани поради промената на името на државата. Па така, огромен дел од народот западна во длабока резигнација и апатија, веќе никому не му веруваат, веќе за ништо не сакаат да се ангажираат. Сѐ додека не се појави некој со нова лага, очигледно нереална, но убава за уши.

Премногу луѓе кај нас прелесно веруваат во лагите завиткани во убаво пакување. Тоа е огромниот проблем со кој се соочуваме. Нема зборови да се кажат колку огромен е тој проблем! Не можеме да направиме исчекор од маѓепсаниот круг во кој се вртиме со децении додека не покажеме волја и цврстина да ги погледнеме грдите факти во очи. Полесно ни е да се убедуваме дека некој со магично стапче ќе ги среди работите наместо нас. Па ни парадираат, веќе со децении, насмеани политичари кои нѐ убедуваат дека тие го имаат магичното стапче и дека сè што ние треба да направиме е да им го дадеме гласот и веќе да не мрднеме со прст. Ќе сфатиме ли конечно дека тоа се приказни за мали деца? Имаме ли доволно години, доволно животно искуство за тоа да го сфатиме!?

И јас би сакал ЕУ да е онаа ЕУ од прикаските што ни ги раскажуваат политичарите. Ама, не е. Жал ми е што не е така, жал ми е и од гледна точка на граѓаните на оваа држава, жал ми е и од моја гледна точка. Но, бајките не стануваат пореални без разлика колку силно се сака да се верува дека се точни. Треба конечно да дозрееме, треба конечно да престанеме да ги слушаме и политичарите што кажуваат розови бајки и „експертите“ кои се однесуваат како политичари, лажејќи ги граѓаните во служба на партијата што ја поддржуваат, наместо да им обезбедат факти и стручно мислење.

Суровата вистина е оваа. Зачленувањето во ЕУ не гарантира некое позначајно подигнување на животниот стандард на граѓаните од земјите што се приклучуваат. Но, и поради тоа минимално подобрување, центрите на моќ во ЕУ повеќе не сакаат зачленување на нови неразвиени земји што ќе им висат на грб. Сакаат да ги користат нивните ресурси, сакаат тие земји да бидат во нивната политичка орбита, но освен ако не се принудени од геополитички причини, повеќе ги сакаат тие земји во своето предворје, а не во своите редови.

Оваа вистина за ЕУ е многу сурова и многу поразлична од бајките за ЕУ што сте навикнале да ги слушате од политичарите. И тие од Македонија и тие од ЕУ. Но, нам ни треба соочување со фактите. А фактите го кажуваат следново. Прво, дека повеќе не се добива датум за почеток за преговори онолку лесно како порано. Второ, дека добивањето датум не значи скорешно членство во ЕУ, туку преговори што ќе траат долги години. Трето, дека дури и кога ќе се смилуваат и ќе нѐ примат, ние нема да престанеме да бидеме земја од периферијата на капитализмот, нема да престанеме да бидеме неразвиена земја. Ќе образложам.

Она што ни ја поматува перцепцијата е што повеќе држави од поранешниот источен блок станаа членки на ЕУ без да ги исполнат сите стандарди. Тоа особено важи за Бугарија и Романија. Нели, кога тие се протнале, зошто и ние да не се протнеме? Сето тоа убаво звучи, но настрана геостратешките и економските калкулации на Брисел, тие ја научија лекцијата и ако некој успеал да се протне досега, тоа не значи дека ќе дозволат протнувањето да стане практика. И во таа насока, дури и добивањето датум за почеток на преговорите, дури и кога Европската комисија тоа ќе го препорача, стана нешто што тешко се добива.

За да бидат работите уште полоши, датумот за почеток на преговорите станува точка која е многу оддалечена од зачленувањето во ЕУ. Порано преговорите почнуваа и завршуваа за неколку години. Но поради промените кои настанаа во меѓувреме, сега тоа може да трае долги години. Да го видиме случајот на Хрватска. Поради нејзиниот спор со Словенија, преговорите се одолговлекоа и траеја – помалку од шест години. Започнаа во октомври 2005 и завршија во јуни 2011 година, по што, во 2013 година, Хрватска стана членка на ЕУ. Црна Гора веќе ги проби овие шест години преговори што ѝ беа потребни на Хрватска! Црногорците ги почнаа преговорите во 2012 година, но нивното членство во ЕУ, денес, по седум години преговори, не е ниту на повидок. Им кажуваат дека во 2025 година можеби (!) ќе ги примат, но секогаш ги потсетуваат дека 2025 година – не треба да се зема „здраво за готово“. За седум години, Црна Гора успеа да затвори само три од 35-те поглавја. Србија е слично лоша. За пет години, затвори само две поглавја. Кога Црна Гора и Србија ќе ги затворат сите 35 поглавја ако толку години им требало за да затворат само две-три? Врз основа на што нас нѐ убедуваат дека нашиот случај ќе биде поразличен од случаите на Црна Гора и Србија?

Но, ете, некогаш таму во 2035 или 2050 година можеби и ќе станеме членки на ЕУ. Мислите дека во тој случај автоматски, само поради членството во ЕУ, за неколку години значително ќе се подобрат животниот стандард и демократските стандарди? Еве ни ја Бугарија. Преку граница. Одете посетете ја. Повеќе од десет години таа е членка на ЕУ. Тоа е доволен период за да се извлечат заклучоци. Да, имало раст на БДП; да, опаднала невработеноста; да, центарот на Софија бил уреден. Но, знаете што? И статистичките податоци за Македонија кажуваат дека растел БДП, дека опаѓала невработеноста, а центарот на Скопје на странците може да им креира илузија дека толку вриеме од пари што ги фрламе на разни споменици. Ако толку се подобрила ситуацијата во Бугарија, по цели десет години членство во ЕУ, зошто толку нејзини граѓани се иселуваат и зошто упорно не сакаат да се вратат?

Точно е дека сите членки на ЕУ не се на она дереџе на кое е Бугарија. Животниот стандард е на далеку повисоко ниво во западните земји. Но, животниот стандард во тие земји беше висок и пред членството во ЕУ. И ќе продолжи да биде висок и ако престанат да бидат членки на ЕУ. Едноставно, нивниот животен стандард не зависи од членството во ЕУ. Зависи од тоа што тие се дел од јадрото на капитализмот, па извлекуваат корист на сметка на глобалниот југ, а тоа се должи и на борбата на работничката класа во тие земји за подигнување на работните и животните стандарди. Без таа борба, тие земји ќе беа богати, да, но и таму народот ќе живееше далеку победно од она што живее сега.

Се враќаме на борбата. И во оваа земја народот ќе живее онолку добро, и пред зачленувањето во ЕУ и по зачленувањето во ЕУ, колку што самиот ќе се потруди да биде така. Се разбира, попријатно е да се добиваат работите на готово. Но, тоа едноставно не егзистира. Бајките не стануваат пореални кога силно се верува во нивната точност. Да се осмелиме да ги видиме фактите во очи и да престанеме со кукањето, празното зборување, поставувањето розови очила, детинестото верување во спасители со магични стапчиња. Ова е суров свет и станува посуров. Ако не сакаме да се бориме за подобро утре – само полошо ќе ни биде.