ЕУ: Ќе изградиме 3,5 милиони полначи до 2030 година – производителите бараат двојно повеќе


Фото: Б. Грданоски

Европската унија нема доволно станици за полнење електрични автомобили, предупреди здружението на производители ACEA, нагласувајќи дека темпото на нивното поставување во голема мера заостанува зад продажбата.

Од 2017 година, продажбата на електрични автомобили порасна три пати побрзо од бројот на станици за полнење, според ACEA. За да се израмни, ЕУ мора значително да го забрза темпото на инсталација до 2030 година, предупреди здружението.

Компаниите инвестираа големи суми во производството на електрични возила, а ЕУ планира да ја забрани продажбата на нови возила напојувани со фосилни горива во следната деценија.

„Постигнувањето на амбициозните цели на Европа за намалување на CO2 бара масовно усвојување на електрични автомобили на сите пазари на ЕУ, а тоа не може да се постигне без широко достапна јавна инфраструктура за полнење“, рече генералниот секретар на ACEA, Сигрид де Врис во изјавата.

Европската комисија проценува дека до 2030 година треба да бидат изградени 3,5 милиони полначи.

За да се постигне оваа цел, треба да се поставуваат осум илјади полначи неделно, пресмета АЦЕА, што би значело дека темпото на инсталација треба да биде трипати побрзо.

Тие истовремено предупредуваат дека нема да бидат доволни 3,5 милиони полначи, додавајќи дека треба да се постават 8,8 милиони или 22 илјади неделно.