ЕУ фондовите како „црн кавијар“ за олигарсите во Бугарија


Европските фондови за Бугарија се како „црн кавијар“ за нејзините олигарси и мора да бидат запрени. Група вампири ја цицаат оваа прекрасна земја и нејзините луѓе. Механизмот за верификација на ЕУ мора да се задржи затоа што бугарскиот народ не верува во судството и сака мониторингот на земјата да продолжи.

Ова беше тонот на расправата вчера во Европскиот парламент во која на тапет се најде корупцијата во Бугарија и генерално случувањата во таа земја, која во протестите е опишана како „заробена од мафијата“.

Бугарските европратеници се обидоа да ја претворат дискусијата во еден вид домашна политичка кавга со напади врз родова основа и околу некакви црни торби со партиски пари обезбедени со корупција. Притоа, Ангел Џамбаски од партијата на Каракачановсе почувствува нападнат и побара казна за либералот Илхан Ќучук.

Во принцип, во ЕП се дискутираше за резолуцијата за владеењето на правото во Бугарија. Нејзин автор е претседателот на Комитетот за граѓански слободи (ЛИБЕ) Хуан Фернандо Лопез Агилар. Документот беше усвоен од ЛИБЕ пред минатата недела и за него се дискутираше на пленарна седница овој понеделник.

Почетокот на дебатата за Бугарија беше одбележан со технички грешки. Микрофоните на европратениците замолчеа неколку пати. На крајот, беше потребна пауза од десет минути за да се рестартира системот. Потоа потпретседателот на Европската комисија Вера Јоурова истакна: „Имаше нешто симболично што микрофоните потфрлија, токму кога зборувавме за слободата на говорот“. На почетокот на дискусијата, таа рече дека иако Бугарија напредувала во последниве години, потребни се повеќе напори. Јоурова додаде дека е „од витално значење“ механизмот за верификација, чие укинување го нестрпливо го чекаше владата на Бојко Борисов, да продолжи да работи.

Неколку европратеници остро ја критикуваа владата за тримесечни протести. Даниел Фројнд од Зелените рече дека бил во Бугарија и дека имал лични средби со демонстрантите. Кога ги прашал што сакаат сите тие одговориле дека европските пари за Бугарија треба да биде запрени од Брисел.

„Ова ќе им го одземе црниот кавијар на алчните олигарси“, рече тој.

Ирската пратеничка Клер Дели повтори дека Бугарија и нејзините граѓани се „цицани“ од вампири и нивната храна мора да биде запрена. Таа рече дека луѓето во земјата протестираат против корупцијата, но за ЕУ тоа се чини не е важно, затоа што на Ангела Меркел ѝ се допаѓа премиерот Борисов, а Доналд Туск
го поддржува. Во Бугарија, луѓето на плоштадите ги тепаа и ги прскаа со
водени топови, рече таа. Клер објасни дека е неверојатно дека ЕП е подготвен да поддржи слободни избори низ целиот свет, но им го одби ова право на Бугарите.

Дури и пред дискусијата стана јасно дека единствениот бугарски европратеник со опозициски став од групата ЕПП, во која спаѓа и ГЕРБ на Борисов, Радан Канев, нема да има можност да зборува. За ова одлучува групата. Откако не успеа да земе збор, Канев објасни дека доставил писмена изјава.

Илјадници Бугари излегоа на улиците во изминатите 90 дена повикувајќи го Борисов и главниот обвинител Иван Гешев да си дадат оставка заради раширената корупција на високо ниво, што ги ослабе државните институции и им донесе корист на моќните тајкуни. Гешев се смета за пристрасен и несоодветен за работата, додека Борисов одбива да си даде оставка и ги минимизираше протестите.

Бугарите имаат повеќе доверба во институциите на ЕУ отколку во нивната сопствена влада и дебатата беше проследена со голем интерес во земјата. Сепак, многумина беа разочарани од техничките дефекти што спречија многумина да ја следат дебатата преку интернет.

Во жестока дебата, пратениците од семејството на социјалистичката партија, како и Зелените и либералите ја критикуваа бугарската влада за заостанување кон демократските вредности и злоупотреба на фондовите на ЕУ. Спротивно на тоа, европратениците од централно-десничарската група ЕПП, на која ѝ припаѓа партијата ГЕРБ на Борисов, го бранеа како проевропски лидер.

Манфред Вебер, водач на групата ЕПП во Парламентот, објави твит пред дебатата за да ги увери членовите на партијата ГЕРБ дека европскиот десен центар продолжува да ја поддржува партијата на Борисов. Според Вебер, граѓаните имаат демократско право на протест, но на земјата не ѝ требаат предвремени избори, бидејќи во секој случај редовните општи избори ќе се одржат кон крајот на март.

За време на дебатата во парламентот, пратениците на ГЕРБ, Андреј Ковачев и Андреј Новаков ја бранеа владата на Борисов – првиот ги нападна левицата и Зелените за иницирање на дебатата, а другиот ги нападна бугарските европратеници кои ја поддржаа иницијативата.

Двајцата европратеници упатија остри критики до своите колеги за оцрнување на името на Бугарија. Ова поттикна реакција од германскиот министер за европски прашања Михаел Рот, кој рече дека ваквите дебати не оцрнуваат никого, но се неопходни. Говорејќи во име на германското претседателство со Советот на ЕУ, тој ги пофали демонстрантите во Бугарија, кои „мирно се борат за нашите вредности и затоа заслужуваат солидарност“. (Н.В.)