ЕСА сака да обезбеди струја од вселената
Европската вселенска агенција (ЕСА) планира во текот на оваа недела да одобри тригодишна студија за да утврди дали големите соларни фарми во вселената можат да бидат функционални и исплатливи на Земјата.
Во следните три години, откако ќе биде прифатен планот, „вселенските газди“ ќе истражуваат како безжично да пренесуваат електрична енергија од вселената до милиони домови на планетата Земја.
Крајната цел е да има гигантски сателити во орбитата, секој од нив способен да произведе иста количина на електрична енергија како електрана.
Инаку, станува збор за иницијатива наречена Соларис, која доколку биде усвоена од ЕСА, би била првата што ќе ги постави основите за практичен план за развој на вселенски систем за производство на обновлива енергија.
Жозеф Ашбахер, кој е генерален директор на ЕСА, за Би-Би-Си изјави дека верува дека сончевата енергија од вселената може да биде од „огромна“ помош во решавањето на идниот недостиг на енергија. Тој ја нагласи потребата од намалување на фосилните горива, наведувајќи дека верува оти е можно во вселената да се произведува електрична енергија за домаќинствата на Земјата.
Сончевата енергија може многу поефикасно да се собира во вселената бидејќи нема ниту ноќ, ниту облаци. Идејата постои повеќе од 50 години, но беше премногу тешка и премногу скапа за спроведување. До сега.