Ердоган попушти – се согласи Шведска да влезе во НАТО

Турскиот претседател направи пресврт откако денеска го услови членството на Шведска со приемот на Турција во ЕУ. „Добар ден за Шведска“, изјави премиерот Кристерсон


Реџеп Ердоган, јенс Столтенберг и Улф Кристерсон во Вилнус (Фото: ВПА пул)

 

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, во понеделникот изјави дека Турција се согласила да ја поддржи кандидатурата на Шведска да се приклучи на воената алијанса.

Најавата доаѓа во пресрет на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, и претставува неверојатен пресврт на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој претходно во понеделникот предложи Шведска да се приклучи на алијансата само откако неговата земја ќе биде прифатена во Европската унија. Ердоган повеќе од една година стои на патот на Шведска да се приклучи на НАТО поради мноштво грижи.

„Мило ми е што можам да објавам дека по средбата на која бев домаќин со @RTERdogan и @SwedishPM, претседателот Ердоган се согласи да го проследи протоколот за пристапување на #Шведска до Големото национално собрание што побрзо и да обезбеди ратификација. Ова е историски чекор што ги прави сите сојузници на #НАТО посилни и побезбедни“, напиша Столтенберг на Твитер по состанокот во главниот град на Литванија, Вилнус.

Турција долго време се спротивставуваше на обидот на Шведска да се приклучи на НАТО, давајќи повеќе причини – вклучително и обвинувања дека шведските власти биле соучесници во исламофобични демонстрации, како што е палењето на Куранот. Што е уште поважно, Турција тврди дека Шведска им дозволува на членовите на курдски терористички групи да дејствуваат, особено на милитантната Курдистанска работничка партија (ПКК). Шведска ги промени своите закони за тероризам претходно оваа година, со што е кривично дело да се биде дел од овие групи, иако тоа сè уште не беше доволно за Турција.

Но, Ердоган се соочи со притисок од неговите европски и американски сојузници да се помести од патот на кандидатурата на Шведска за НАТО. Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан во понеделникот разговараше со официјални лица во Турција и Шведска во подготовките за самитот, а претседателот Џо Бајден разговараше со Ердоган додека тој леташе со претседателскиот авион оваа недела. Бајден „ја пренесе својата желба да ѝ посака добредојде на Шведска во НАТО што е можно поскоро“, се вели во соопштението од Белата куќа, кое не сигнализираше никакво поместување по ова прашање.

Веста претставува голема победа за Бајден, кој постојано изразуваше уверување дека Шведска ќе се приклучи на алијансата на самитот во Вилнус, и покрај турското противење. Претседателот во ексклузивно интервју за Фарид Закарија на Си-Ен-Ен пред самитот изјави дека е оптимист оти Шведска на крајот ќе биде примена во НАТО, истакнувајќи дека Турција се обидува да ја модернизира својата флота „Ф-16“, заедно со Грција, која гласаше за прием на Шведска.

„Турција бара модернизација на авионите ‘Ф-16’. И (грчкиот премиер Киријакос) Мицотакис во Грција исто така бара некаква помош“, рече Бајден. „И така, она што јас се обидувам, искрено, да го составам е малку конзорциум овде, каде што го зајакнуваме НАТО во однос на воениот капацитет и на Грција и на Турција, и дозволуваме Шведска да влезе Но, тоа е во игра. Не е направено“.

„Многу сум среќен“, изјави по разговорите шведскиот премиер Кристерсон. „Долг ден на долгото патување на патот кон членството на Шведска во НАТО“, рече шведскиот премиер.

Тие се договорија за заедничка изјава во која Ердоган се обврзува да ја ратификува, додека Шведска се обврзува да продолжи да го исполнува договореното во Мадрид. Дополнително, треба да се воспостави нов формат за соработка за заеднички напори во борбата против организираниот криминал и тероризмот. Се разговараше и за односите на Турција со ЕУ.

„Добар ден за Шведска“, заклучи Кристерсон.

Не е јасно кога точно Турција може да ја изврши ратификацијата, Кристерсон само вели дека тоа треба да се случи „што е можно поскоро“.

Покрај Турција и Унгарија ја нема ратификувано апликацијата на Шведска за НАТО. Унгарскиот премиер Виктор Орбан чекаше што ќе направи Ердоган, па тој да преземе соодветни чекори. (Според агенциите)