Ердоган го уапси и адвокатот на градоначалникот на Истанбул

Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е во притвор, денеска изјави дека неговиот адвокат е уапсен и побара итно ослободување, а новинарските здруженија објавија дека се уапсени уште две новинарки поради известување за протестите.
„Овој пат уапсен е и мојот адвокат Мехмет Пеливан, а причините за апсењето се измислени“, напиша на интернет опозицискиот градоначалник на Истанбул, кој беше сменет од функцијата и приведен во неделата.
Утрово беа уапсени и две новинарки кои известуваа за демонстрациите што ја потресуваат Турција по апсењето на Имамоглу на 19 март. Турскиот синдикат на новинари (ТГС) соопшти дека тие се уапсени во зори. Десет новинари уапсени и затворени претходно оваа недела беа ослободени вчера, меѓу кои и фотограф на агенцијата Франс прес.
Властите, кои се соочуваат со бран протести без преседан од 2013 година, вчера објавија дека од 19 март досега уапсиле 1.879 лица. Меѓу нив, 260 се во притвор, а повеќе од 950 се ослободени.