Епл ќе плати 95 милиони долари на луѓето кои биле шпионирани од гласовниот асистент Сири


Сан Франциско – Американската технолошка компанија Епл се согласи на спогодба со корисниците кои ненамерно биле шпионирани од нејзиниот гласовен асистент Сири и ќе им плати вкупно 95 милиони долари за претрпената штета.

Предложената спогодба, според која сопствениците на производите на Епл со асистентот Сири би можеле да добијат до 20 долари по уред, мора да биде одобрена од американскиот суд.

Потенцијалното плаќање би се однесувало на корисниците на Епл во САД кои купиле уред од компанијата меѓу 17 септември 2014 година и 31 декември 2024 година, а од нив дополнително се бара да сведочат под заклетва дека случајно го активирале Сири за време на разговор што треба да биде доверлив или приватен.