„Епл“, „Алфабет“, „Мета“, „Амазон“, „Мајкрософт“ и „БајтДенс“ од денеска мора да се усогласат со Законот на ЕУ за дигитални пазари


Компаниите „Епл“, „Алфабет“, „Мета“, „Амазон“, „Мајкрософт“ и „БајтДенс“, кои лани во септември Европската комисија ги прогласи за „чувари на портите“, од денеска треба целосно да се усогласат со сите обврски од Законот за дигитални пазари на ЕУ (ДМА). 

Ова законско решение воспоставува нови правила за интернет пребарувачите, сајтовите за електронска трговија и за купување на апликации, како и за онлајн рекламирањето, со цел да ги направи дигиталните пазари во ЕУ поконкурентни и поправедни и со тоа да ги заштити европските бизниси и крајните корисници. 

Според извршната потпретседателка на ЕК за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност, Маргрете Вестагер, овој нов сет правила ќе ги направи онлајн пазарите поотворени и поконкурентни за малите иновативни бизниси, нудејќи им фер шанса за работа, а на потрошувачи ќе им овозможи попристапни опции на интернетот.  

– Ова суштински ќе го промени начинот на кој функционира онлајн трговијата и ќе го отвори дигиталниот пазар во интерес на сите европски играчи и корисници, додаде Вестагер. 

Еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон, пак, оцени дека денешниот ден означува пресвртница за европски дигитален простор.  

– Законот за дигитални пазари поставува прецизни обврски и можност за санкционирање на големите онлајн платформи доколку не се придржуваат до нив. Секоја компанија за која ќе се утврди дека не ги исполнува условите ќе се соочи со строги санкции, потенцира Бретон. 

Според него, со законот ќе се зголеми конкурентноста со функционирање на алтернативни понуди, со што европските корисници ќе имаат можност за поголем избор.  

Со одредбите од законот се предвидува рамноправен третман за сите компании на интернет платформите, интероперабилност на услугите, продажба на апликациите и преку алтернативни канали, а не само на официјалните сајтови на производителите, пристап до податоци за активностите на интернет компаниите и можности за промотивни понуди и склучување договори и надвор од платформите на компаниите. 

Крајните корисници, пак, со Законот добиваат можности за поголем избор при купување, подобра контрола на своите податоци, полесно пренесување на податоците од една услуга или апликација на друга, како и можности за користење на алтернативни услуги за електронска идентификација или плаќања. 

Почнувајќи од денеска, „чуварите на портите“ треба да докажат дека се ефикасно усогласени со Законот за дигитални пазари и да доставуваат извештаи за преземените мерки за усогласеност и ревидиран опис на сите техники што се користат за профилирање на потрошувачите. 

Врз основа на добиените податоци од компаниите и информациите од сите заинтересирани страни, Еврокомисијата ќе процени дали имплементираните мерки се ефикасни во постигнувањето на целите предвидени со обврските од Законот. Врз основа на оваа проценка Комисијата може да покрене постапка поради сомнеж за неусогласеност или прекршување на Законот.  

Доколку сомнежот се потврди како оправдан, ЕК може да и изрече казни на компанијата во висина до 10 отсто од вкупниот нејзин промет на глобално ниво. При повторување на истата неусогласеност или прекршок казната може да изнесува и до 20 процени од глобалниот промет. Дополнително, во случај на систематски прекршоци, Комисијата може да изрече дополнителни правни лекови како што се обврска на компанијата за продажба на нејзиниот бизнис или делови од него или забрана за извршување на дополнителни услуги поврзани со системската неусогласеност. 

Законот за дигитални пазари, заедно со Законот за дигитални услуги, сочинуваат единствен сет на правила за создавање побезбеден дигитален простор во ЕУ преку заштита на основните права на корисниците и воспоставување рамноправни услови за игра. 

На 5 септември 2023 година, Комисијата ги именува шесте компании и 22 нивни основни платформи за „чувари на портите“, со што тие добија рок од шест месеци за целосно усогласување со обврските од ДМА. 

По спроведената проценка, на 12 минатиот месец Комисијата утврди дека системот за размена на пораки „Епл иМесиџ“, пребарувачот „Мајкросфот Бинг“, прелистувачот „Еџ“ и сајтот за онкан рекламирање „Мајкрософ Адвертајзинг“ не ги исполнуваат условите да бидат „чувари на портите“. Дополнително на 1 март, ЕК доби сознаанија дека некои платформи на „Букинг“, „БајтДенс“ и „Икс“ потенцијално би можеле да ги исполнуваат критериумите на ДМА за да бидат прогласени за „чувари на портите“. Одлуката за можно доделување на ваков статус на овие платформи Еврокомисијата треба да ја донесе најдоцна до 13 мај.