Емисиите на јаглерод и енергетската транзиција клучен тест за конкурентноста на македонската индустрија: Трибина на „Фајнанс тинк“
Македонија се наоѓа во клучен период на енергетска и индустриска трансформација и иако изложеноста на Механизмот за јаглеродно прилагодување на границите (CBAM) е концентрирана во неколку сектори – пред сè железо, челик и електрична енергија – неговите ефекти ќе се почувствуваат многу пошироко низ синџирите на снабдување, инвестициските текови и конкурентноста на извозно ориентираните компании. Ова, меѓу другото се вели во студијата на „Фајнанс тинк“ (Finance Think) „Подготвеност за Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) и зелената индустриска транзиција во Северна Македонија“, што беше претставена денес во Скопје на тркалезна маса на тема „Зајакнување на конкурентноста: Енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија“.
Според покажува дека во 2025 година, извозот опфатен со CBAM изнесувал околу 468 милиони евра, што претставува 7,7% од вкупниот извоз во Европската Унија и 2,8% од БДП. Иако секторите опфатени со CBAM директно вработуваат околу 15.700 лица, нивното економско влијание се прелева низ целата економија, поддржувајќи уште околу 167.000 работни места во синџирите на снабдување и поврзаните дејности, што претставува речиси една четвртина од вкупната вработеност во земјата.
Наодите покажуваат дека CBAM не претставува само регулаторна обврска, туку и тест за конкурентноста на македонската економија. Компаниите што ќе инвестираат во модернизација, енергетска ефикасност и нискојаглеродно производство ќе бидат подобро позиционирани на европскиот пазар, додека одложувањето на трансформацијата носи ризик од повисоки трошоци и губење на конкурентската предност.
Во исто време, анализата бележи значителен напредок во развојот на обновливите извори на енергија, но ја нагласува и потребата од дополнителни инвестиции во електроенергетската мрежа, финансиски инструменти за зелени инвестиции и зајакнување на капацитетите на компаниите и институциите за спроведување на зелената транзиција.

Наодите од студијата беа основа за панел-дискусијата, на која претставници на јавните институции, локалната самоуправа, енергетскиот сектор и бизнис-заедницата разговараа за предизвиците и можностите што енергетската транзиција и CBAM ги носат за македонската економија.
Панел-дискусијата беше посветена на прашањето како Северна Македонија може да ја претвори енергетската транзиција од регулаторна обврска во двигател на конкурентноста, инвестициите и локалниот развој.
Според Ацо Ристов, Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, државата мора значително да ги забрза инвестициите во енергетскиот сектор, при што клучна улога треба да имаат приватниот капитал и јавно-приватните партнерства.
„Македонија нема простор за одложување на реформите, особено во услови кога CBAM ќе создаде дополнителен притисок врз индустријата и извозно ориентираните компании“, рече Ристов, посочувајќи ги електрификацијата, е-мобилноста и дигитализацијата на енергетскиот систем како следни големи предизвици, но и значајни можности за развој. Посебно ја нагласи потребата општините да преземат поактивна улога во производството и управувањето со енергијата, како и важноста од подобро планирање и користење на податоците во енергетскиот сектор.
Од перспектива на локалната самоуправа, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го претстави искуството на општината во справувањето со енергетската криза и развојот на сопствени капацитети за производство на електрична енергија. Тој истакна дека формирањето на Т.Д. Енергија Центар и инвестициите во фотоволтаични системи овозможиле значително намалување на трошоците за електрична енергија во јавните објекти, а заштедените средства се пренасочуваат кон услуги и проекти во интерес на граѓаните. Дополнително, преку модернизација на јавното осветлување, Општина Центар постигнала заштеди од околу 60%. Во иднина, општината гледа можности во продажбата на произведената електрична енергија и развојот на нови услуги, како што се полначи за електрични возила. Според него, понатамошниот развој на ваквите модели зависи од усвојувањето на соодветни законски решенија што ќе им овозможат на општините целосно да го искористат својот потенцијал во енергетската транзиција.

Управителот на Т.Д. Енергија Центар, Игор Бимбилоски, нагласи дека иднината на локалните енергетски претпријатија не е само во производството на електрична енергија, туку и во развојот на нови бизнис-модели, дигитални решенија и енергетски заедници. Тој посочи дека енергетската транзиција треба да се гледа како платформа за локален економски развој, преку која ќе се создаваат нови можности за граѓаните, компаниите и локалните заедници. Посебно ја истакна улогата на дигитализацијата и паметното управување со енергијата, како и потребата од усогласување на националната регулатива со европските практики за да се овозможи развој на енергетски заедници, активни потрошувачи и нови модели на локално енергетско управување.
Виктор Андонов, експерт за енергетика, нагласи дека кога општините произведуваат дел од сопствената електрична енергија, тие не штедат само струја. Според него, тоа создава можност тие заштеди да се претворат во подобри локални услуги, како што се градинки, училишта, грижа во домот, јавна инфраструктура и поддршка за ранливи групи. Тој посочи дека Законот за обновливи извори на енергија треба да им овозможи на локалните заедници целосно да ги искористат овие можности.
Во делот посветен на CBAM, Златко Ветеровски од Царинската управа нагласи дека механизмот повеќе не треба да се гледа како идно, туку како актуелно прашање за македонските компании. Тој истакна дека компаниите ќе мора да воспостават системи за мерење, следење и известување за јаглеродниот отпечаток на своите производи, додека институциите ќе имаат важна улога во обезбедувањето поддршка и координација во процесот на усогласување. Според него, најголемиот предизвик во моментов е административната и техничката подготвеност на компаниите, поради што подготовките за исполнување на барањата на CBAM треба да започнат веднаш.
Адријана Лавчиска, програмски менаџер во Фондација Отворено општество – Западен Балкан, истакна дека „суштината на зелената индустриска политика е многу повеќе од CBAM и климатска агенда – тоа е агенда за конкурентност, продуктивност и економски развој“. Таа нагласи дека транзицијата може да биде успешна само доколку е праведна и инклузивна: „За нас, транзицијата ќе биде успешна само ако е праведна: планирана заедно со работниците, локалните заедници и општините, со јасни временски рамки, програми за преквалификација и механизми за социјална сигурност.“
Заедничката порака од панелистите беше дека енергетската транзиција и CBAM претставуваат значаен предизвик, но истовремено и можност за модернизација на економијата. Успехот ќе зависи од способноста на државата, општините, бизнис-секторот и институциите да дејствуваат координирано, да инвестираат навремено и да создадат услови придобивките од транзицијата да се пренесат кон граѓаните и локалниот развој.