Електричен трактор на водород: Може да работи без возач! 


Јапонскиот гигант во областа на земјоделските машини, „Кубота“, неодамна претстави автономен водороден трактор.

Овој трактор користи електрични погонски мотори напојувани од водородни горивни ќелии – а можно е да се надополни со водород произведен директно од земјоделски отпад! Се вели дека електричната енергија го движи моторот кој испорачува иста моќност и вртежен момент како дизел трактор од 100 КС.

На CES 2025, Кубота претстави низа поврзани машини со ADAS системи и електричен погон, вклучувајќи го роботскиот трактор „Agri Concept“ и генератор на водород, што јасно укажува на нејзината трансформација од производител на класична опрема во „земјоделски партнер“ кој нуди интегрирани решенија.

Компанијата има големи надежи за своите електрични земјоделски машини бидејќи Јапонија, како и многу западни земји, се соочува со намален број млади луѓе заинтересирани за земјоделство, што доведува до стареење на работната сила и хроничен недостиг на работници.

„Концептот на овој модел е истовремено да се постигне еколошка одржливост, ефикасност во работата и да се намали потребата од човечка работна сила“, се вели во официјалното соопштение.

„Бидејќи испушта само вода за време на работата, еколошки e, а дополнително е дизајниран за автономно работење или далечинско управување, без возач“, се додава.

Интересно е што водородот може да се произведува локално, директно на фармата – користејќи ги постојните процеси за претворање на биоотпадот во метан, кој потоа се реформира или електролизира во водород. Тој кружен модел им дава на земјоделците во области со слаб пристап до електрична мрежа одржлив начин за производство и складирање на енергија.