Економијата на ЕУ повторно во минус, втор квартал по ред со пад на БДП


Економијата во еврозоната падна за 0,3 проценти во првиот квартал од 2021 година, а економијата на Европската унија падна за 0,1 процент во однос на претходниот квартал, според сезонски прилагодените податоци, покажуваат прелиминарните проценки објавени денес на веб-страницата на заводот за статистика на ЕУ, Евростат.
Во споредба со првиот квартал од 2020 година, сезонски прилагодениот БДП на еврозоната падна за 1,3 проценти, а ЕУ за 1,2 проценти.

Евростат забележува дека ова е втор последователен квартален пад на бруто домашниот производ на еврозоната и ЕУ. Претходно, во четвртиот квартал, економијата на земјите кои ја користат единствената валута еврото забележа пад од 0,6 проценти, а блокот од 27 члена од 0,4 проценти, по силното закрепнување во третиот квартал од минатата година.

Историски гледано, најостриот пад на БДП од почетокот кога се води евиденција во 1995 година е регистриран во вториот квартал на 2020 година, во екот на ковид пандемијата, кога еврозоната падна за 11,5 проценти, а ЕУ за 11,1 проценти.

Кога станува збор за земјите-членки на ЕУ, најголем економски раст во првите три месеци од оваа година на квартална основа забележаа Ирска (7,8 проценти), Хрватска (5,8 проценти), Естонија (4,8 проценти) и Грција (4, 4 проценти).

Во исто време, Португалија (-3,3 проценти), Словачка (-2,0 проценти), Германија (-1,8 проценти) и Летонија (1,7 процент) имаа најсилен пад во споредба со претходните три месеци.
Врз основа на сезонски прилагодени податоци, обемот на БДП на еврозоната и ЕУ е помал за 5,1 процент, или 4,6 проценти, соодветно, во споредба со нивното највисоко ниво од последниот квартал на 2019 година.

Европските статистичари во изјавата додаваат дека американската економија од јануари до крајот на март годинава забележа раст од 1,6 проценти во споредба со претходните три месеци, додека на годишно ниво зајакна за 0,4 проценти.

Пад на вработеноста за 0,3 проценти

Бројот на вработени во еврозоната е намален за 0,3 проценти, а во Европската унија за 0,2 проценти во првиот квартал од 2021 година, во споредба со претходниот квартал, според проценките на Европското биро за статистика, Евростат.

Во споредба со истиот квартал минатата година, вработеноста во еврозоната е пониска за 1,8 проценти и во Европската унија за 1,6 проценти, покажуваат податоците објавени на веб-страницата на Евростат.

Меѓу земјите-членки, се издвојуваат следните во однос на растот на вработеноста во првите три месеци од 2021 година во споредба со претходниот квартал: Унгарија, со стапка од 1,1 процент, Шпанија (1,0 проценти) и Кипар и Литванија (двете 0,8 проценти), додека најголем пад на вработеноста е забележан во Летонија (-3,9 проценти), Грција (-1,7 проценти) и Словачка (-1,1 процент).

Евростат проценува, врз основа на сезонски прилагодени податоци, дека во периодот јануари-март 2021 година, во ЕУ биле вработени 205,6 милиони луѓе, од кои 157,6 милиони во еврозоната.
Со оглед што пандемијата со КОВИД-19 продолжи да беснее низ Европа во првиот квартал, вработеноста во еврозоната беше за 3,4 милиони пониска, а во ЕУ за 3,8 милиони отколку во четвртиот квартал од 2019 година, кога короната сè уште не беше раширена во регионот.

Бројот на работни часови во споменатиот период е помал за 0,8 проценти во еврозоната и за 0,2 проценти отколку во последниот квартал од 2020 година. Во споредба со истиот квартал минатата година, намалувањето на бројот на работни часови е 3,4 проценти во Еврозона, односно 2,6 проценти во ЕУ, се додава во соопштението на Евростат.