Економија, шнел

Горан Адамовски

Компаниите со германски капитал во земјава не се задоени со политика и не се ниту наши ниту нивни, па лесно можат да воочат и пред сè гласно да изговорат дека економскиот перфоманс на Владата не е добар. Тие се задоволни од трошоците за труд, продуктивноста и подготвеноста за работа на персоналот, но имаат голем број забелешки за борбата против корупција и криминалот, ефикасноста на јавната администрација, правната сигурност, даночните оптоварувања и предвидливоста на политиката која се води во однос на стопанството.

Во германски стил, јасно и прецизно, се детектирани слабостите на економијата. Македонските граѓани би дополниле уште неколку слаби синџири кои „гарнирано“ со нашиот менталитет и навики создаваат општество во кое многу тешко може да се живее пристојно. Веќе три децении.

Изразите со кои економистите и политичарите се служат за да покажат колку бизнисот тргнал напред, колку растел бруто-домашниот производ, каков бил кредитниот рејтинг на земјата и колкав раст на економијата се планира за годината – не значат многу за обичниот народ. Не се за верување и статистичките податоци за просечната плата, падот на невработеноста или растот на минималната плата. Ниту оние за рекордни странски инвестиции. Не се земаат за сериозно, затоа што мнозинството од граѓаните не гледаат дека платата им е покачена или дека имаат (голем број) слободни места на пазарот, каде што се нуди убава работа и солидна плата. Мантрата „молчи, може и полошо“ најверојатно е измислена за македонските работни места.

Владата веќе нема изговори за лошата економска состојба. Болниот договор за името е солвиран, членството во НАТО е завршена работа, за во ЕУ – реално, уште не сме. Границите ни се безбедни, компаниите можат слободно да го вложуваат својот капитал, под услов да им биде обезбедена поволна економска клима. И тука треба да биде вклучен целокупниот потенцијал. Фирмите да добијат шанса за фер натпревар, а работниците редовна и пристојна плата. Оние што ќе ги изигруваат правилата да бидат санкционирани.

Сега е време за избори, па веројатно почесто ќе ги слушаме кампањските фрази за намалување на бројот на невработеноста за 3,5 проценти за само една година или за отворање на нови 26.600 работни места, односно за црна година во економијата каква што не била ниту во рецесијата или за мизерниот раст од 0,8 отсто наместо предвидените пет проценти. Додека ги следиме рекламните спотови на телевизија со кои ќе нè убедуваат за кого треба да гласаме, секој од нас знае оти платите стојат во место додека цените одат до таван.

Кога ќе престанеме да се занимаваме со политика, економијата ќе очекува брза реакција и јасна визија на властите. Повеќе работен оптимизам, применливи мерки за даноци и придонеси на работната сила, решавање на неликвидноста, привлекување странски инвестиции, ограничување на судските постапки кај стечајот и овозможување евтини кредити за малите стопанственици. Создавање мал, ефикасен државен апарат и запирање на главните генератори не неликвидност, односно овозможување на создавање нови вредности.

Не да се билда администрацијата и да се вработуваат семејни и партиски членови. Со нив, можеби навистина расте просечната плата и се зајакнува лојалноста кон партијата, но само кај оние што добиле вработување. Останатите, како и германските компании, ќе напишат нула. И тоа голема.