Економиите за време на пандемијата – победници и губитници


Иако пандемијата на корона вирусот сè уште не е завршена, многу економии на земјите-членки на Организацијата за меѓународна економска соработка и развој (ОЕЦД) се враќаат во нормала по катастрофалната 2020 година.

Во својата анализа, The Economist ги погледна економските победници и губитници од пандемијата. Беа собрани податоци за пет економски и финансиски показатели – БДП, приходи на домаќинствата, перформанси на берзата, капитални трошоци и државен долг – за 23 земји.

Во анализата се наведува дека стапката на невработеност се вратила на бројките од пред Ковид и дека приходите на домаќинствата се во просек повисоки отколку пред пандемијата. Меѓутоа, ако се погледнат податоците за одделни земји, забележливо е дека има јасни победници и губитници, пренесува Ал Џезира Балканс.

Во однос на бруто домашниот производ (БДП), Ирска е најголемиот економски победник во пандемијата – БДП на земјата порасна за речиси четвртина (22,3 проценти) од четвртиот квартал на 2019 година до третиот квартал на 2021 година.

 

Економски победници и губитници од пандемијата

 

Чиле е на второ место со раст на БДП од 10,4 отсто.

Норвешка, Полска, Данска и Шведска забележаа раст на БДП меѓу 2 и 3,5 отсто.

Економиите на европските земји како Обединетото Кралство, Португалија, Шпанија и Италија се најтешко погодени од корона вирусот, а податоците покажуваат дека тие се уште не се опоравиле од пандемијата, при што БДП падна од 1,3 до 6,6 отсто.

Во анализата на „Економист“ се наведува дека економиите на некои земји биле многу почувствителни на воведувањето забрани за патување за време на пандемијата – особено оние во јужна Европа, кои во голема мера се потпираат на туризмот. Од друга страна, Белгија и Обединетото Кралство претрпеле голем број заразени.