Еко-свест започнува со кампања против изградбата на мали хидроцентрали


 Еко-свест започнува со кампања против изградбата на мали хидроцентрали и укинување на државните субвенции од буџетот за изградба и субвенционирање работата на малите хидроцентрали. Со оваа кампања Еко-свест ги повикува граѓаните да ја потпишат петицијата за укинување на субвенциите за малите хидроцентрали, чија изградбата остава непоправливи последици по животната средина и природата.

-Работата на малите хидроцентрали го загрозува опстанокот на водните екосистеми, на заштитените и ендемски видови, како и на луѓето и биодиверзитетот во целина.Изградбата на малите хидроцентрали е проследена со сериозни прекршувања во правните постапки, почнувајќи од издавање концесии, преку подготовката на стратешките документи, сѐ до моментот на пуштање во употреба.

Малите хидроцентрали се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и без соодветна студија за оцена на влијанието врз животната средина. Се градат во некои од нај живописните речни долини, во строго заштитени и еколошки чувствителни подрачја, со што прават непоправлива штета на природата и биодиверзитетот.

Електричната енергија произведена од малите хидроцентрали се откупува по загарантирани повластени тарифи кои на сопствениците им гарантираат сигурен профит. Сите постоечки мали хидроцентрали заедно произведуваат само 4% од вкупното годишно производство на електрична енергија во земјата,  во период од годината кога не е најпотребно за домаќинствата. Истото количество електрична енергија може да се заштеди со подобра енергетска ефикасност, без притоа да се уништуваат реките и недопрената природа.

Секое семејство во земјава, секој месец плаќа 6% од висината на месечната сметка за струја, за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори. На годишно ниво, за електричната енергија произведена од мали хидроцентрали ние граѓаните, плаќаме дури 16 милиони евра, стои во соопштението на Еко свест.