ЕК: Турција и натаму се оддалечува од Европската унија


Турција продолжува да се оддалечува од Европската унија, се посочува во денеска објавениот извештај на Европската комисија за земјите во процесот на придружување, со оценка дека во Турција дошло до влошување на условите во судовите, затворите и економијата.

Во извештајот е наведено дека на Турција се уште се гледа како на близок сојузик на ЕУ во сферата на безбедноста, но дека турската кандидатура за приклучување кон Унијата е замрзната поради „натамошни сериозни назадувања“ на полето на човековите права, независност на судството и стабилна економска политика.

„Во турската економија продолжи сериозното назадување, што води кон подлабока загриженост во врска со функционирањето на пазарната економија во земјата“, е истакнато во извештајот.

Заклчок е дека Турција продолжува да се оддалечува од ЕУ и дека преговорите меѓу ЕУ и Анкара „ефективно стасаа до застој“.

Заменикот министер за надворешни работи на Турција Фарук Кајмакчи оцени дека извештајот не ја проценил точно сегашната ситуација во земјата и оти не е можно да се прифатат неправедните критики.

– Турција внимателно ќе ја земе предвид конструктивната критика во извештајот, рече Кајмакчи.