Ејуп Рустеми од „Пошта“ заминува во Државни патишта на местото на Зоран Китанов
Еуп Рустеми, досегашниот директор на Македонска пошта ќе биде новиот директор на Јавното претпријатие за државни патишта, соопшти денес премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање по меѓународната научна конференција за македонскиот јазик во институтот „Крсте Мисирков“.
На денешната седница Владата би требало да назначи директори и на други претпријатија или институции, објасни Заев, потврдувајќи дека Рустеми како кадар на ДУИ ќе застане на чело на Државните патишта на местото на досегашниот директор Зоран Китанов, кој е кадар на СДСМ.
Претходно беше соопштено дека Поштата преминува во „рацете“ на СДСМ, од каде што треба да дојде човекот кој ќе раководи со оваа институција во пресрет на процесот за нејзино приватизирање, односно јавно-приватно партнертво.
Рустеми беше назначен за директор на АД„Пошта на Северна Македонија“ во август 2018 година.Во периодот од 1996 до 2002 година работел како професор по математика и информатика во ДСУ „Ѓоце Стојчески“, Тетово.Од 2002 до 2006 избран е за пратеник во Собранието на Македонија. Покрај функцијата пратеник, претседател е на Комитетот за односи меѓу заедниците и член е на Комисијата за транспорт, врски и екологија.
Периодот од 2006 до 2007 година е на позиција извршен директор во АД „ Гама“, а од 2007 до 2008 година асистент на Природно математичкиот факултет на Државниот универзитет во Тетово, насока информатика.
Функцијата генерален директор на АД „Македонска пошта“ ја извршуваше од 2008 до 2011 год.
За директор на Агенција за стоковни резерви на Македонија беше избран во 2011 година, каде остана до 2013 година, и истата година од месец март до месец јуни ја извршуваше функцијата директор на Агенција за управување со одземен имот на Македонија.
Од 2013 до 2014 година тој е и асистент е по предметот технологија на информациите, на Природно математичкиот факултет на Државниот универзитет во Тетово, насока информатика.
Во 2014 година повторно е избран за пратеник во Собранието на Македонија, каде покрај функцијата пратеник, претседател е на Комитетот за односи меѓу заедниците, член е на Комисијата за транспорт, врски и екологија и член на Комисијата за образование, наука и спорт.
На позицијата генерален директор на АД „Македонска пошта“ доаѓа како доктор на науки по информатика, на Природно математичкиот факултет на Државниот универзитет во Тетово. Автор е на голем број на научни трудови. Го зборува македонскиот и англискиот јазик.(М.Ј.)