Една изборна единица е подобра и за големите партии


ЛИЛЈАНА ПОПОВСКА

Со години македонското општество дебатира за потребата од промена на изборниот модел, со Македонија како една изборна единица и со отворени листи, а некои велиме – и со еднаков број жени и мажи на листите. Резултатот е силно нарасната свест за потребата од вакви промени кај граѓаните и кај најголем дел од политичките партии, со цел да се плурализира политичката сцена, да се демократизира самиот изборен процес, а и општеството во целост.
Единствени противници на една изборна единица беа неколку најголеми партии, од кои се издвои СДСМ пред последните парламентарни избори. Таа даде програмска поддршка за една изборна единица и за отворени листи, што беше и услов за коалицирање. Ова беше и останува голем позитивен исчекор, но и зајакната надеж дека со аргументи може да се придобијат и останатите поголеми партии. Зашто, до добар Изборен законик најдобро се стасува со политички консензус и добра волја од сите страни.
Ќе изнесам редица аргументи зошто една изборна единица е подобра и за големите партии. Пред сè, тоа ќе им обезбеди нови неутрални и демократски ориентирани гласачи, кои сега апстинираат. Ќе имаат многу подобра предизборна атмосфера во самата партија, без непријатни расправии за тоа со кои партнери и за колку места ќе се коалицира, со многу повеќе слободни места на листата за своите членови. Ова води кон поголема мобилизација на членството, без тивок или јавен бојкот од незадоволните. Изборната кампања се води со своја програма, идеолошки и политички јасно дефинирана, која посилно допира до поддржувачите. По изборите има чиста ситуација за тоа која партија колку тежи и многу полесно и во добра атмосфера, без уценувања, ќе се формира постизборната коалиција за влада. Крајниот резултат секако се поздрави коалиции, базирани на програми, како и можност за подобри влади и подобри резултати во интерес на граѓаните и државата.
Со една изборна единица ќе се прочисти политичката сцена од политички сателити без автентичен идеолошки или програмски профил. Со тоа, партиите кои формираат влада нема да бидат принудени да губат извршни места ниту да влегуваат во ризик со анонимни и неуки кадри.
Во јавната дебата против една изборна единица се слушнаа и аргументи кои ги сметам делумно за предрасуди, а во поголем дел за фрлање прашина в очи, за да не се напушти по никоја цена монополската позиција. Пред сопственото членство се пласира тезата за „големиот губиток на гласови“, со кој не би се согласила. Ако се минусираат сегашниве коалициски места во парламентот, „губитокот“ се сведува на неколку пратеници, но толку „губи“ и политичкиот конкурент. Зашто, да не забораваме дека во шесте изборни единици има на шест места реален губиток на веќе добиени гласови и за големите партии. Вака, со Македонија како една изборна единица, ќе има реален губиток само на едно место. Сè на сè, соодносот во број на пратеници помеѓу главните конкуренти за формирање влада, според сегашнава состојба, би останал практично непроменет. Надвор од големите табори се очекува да има околу 15-20 пратеници од други партии, сметајќи на бројка од 100-150.000 гласачи. Се разбира, на конечниот исход, покрај бројот на добиени гласови, клучно влијание имаат излезеноста и бројот на поднесени листи.
За пошироката јавност, една изборна единица се опонира со тезата дека тоа би бил „скопјецентричен“ или „тетовоцентричен“ модел, кој би ги фаворизирал партиските кандидати од големите урбани центри, а не би имало претставници од помалите места. Не држи ова тврдење од повеќе причини. Зарем партиите ќе се откажат од своите членови од цела Македонија, кога нивното членство е шарено, кога се работи за видни и веќе промовирани политички личности од сите делови на земјата, во кои вложувале за едукација и кои им носат гласови? Зарем локалната власт не им е важна? На локални избори големите партии се борат за што повеќе градоначалници и советници, па затоа вложуваат во локалните ограноци и локалните политичари. Накусо, политичката логика наложува самите партии да водат сметка за вклученост на кандидати за пратеници од сите делови на Македонија, за да го мобилизираат своето членство и поддржувачи и да извлечат максимум пратеници.
Речиси две децении, од 2002 година досега, во Македонија на сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Тоа е доволен период за да може да се видат и анализираат позитивните и негативните ефекти од него. Тој беше секако подобар од претходниот мнозински изборен модел, зашто обезбеди поправичен избор на пратеници според бројот на гласови на гласачите. Сепак, распределбата на остатокот од гласовите од листите кои не обезбедиле мандат, преку Донтовиот метод, оди во прилог на најголемите субјекти. Така се случуваше да отпаднат листи кои на ниво на цела држава имаа 30-40.000 гласови, а во Парламентот да може да влезат, со мали исклучоци, само неколку поголеми партии.
Ова имаше директно негативно влијание врз македонската демократија, стимулирајќи само неколку големи партии, принудувајќи ги другите политички субјекти во предизборни коалиции, а на граѓаните оневозможувајќи им да влијаат директно врз изборот на пратеник од одреден идеолошки профил, надвор од понудата црно-бело.

(Авторката е пратеничка на ДОМ)