Единаесет години од настаните од „Диво Насеље“, оддадена почит на загинатите бранители во Куманово


Повеќе делегации денеска положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на осуммина припадници на безбедносните сили во вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ во Секторот за внатрешни работи Куманово. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, државниот секретар, Сашо Петрушевски, началникот на СВР Куманово, Никица Петрушевски, членови на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили, претставници од специјалните единци на МВР, АРМ, Царинска управа, синдикатите на полицијата, здруженија на граѓани, претставници од општината, совет на општина Куманово и политички партии одадоа почит на загинатите од вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015.

Денеска се навршуваат единаесет години од вооружената престрелка во кумановско „Диво насеље“. На 9 и 10 мај 2015 загинаа осум припадници на безбедносните сили. Во 28-часовните престрелки, животот го загубија припадниците на безбедносните сили – Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Во престрелката имаше и 37 повредени припадници на безбедносните сили.

Покрај полагање на цвеќе, во организација на синдикалната организација на Синдикатот на полицијата на Македонија (СПМ) при СВР Куманово, денеска се одржува и меморијален турнир во мал фудбал под мотото „Хероите живеат вечно“, во спортската сала на СОУ „Перо Наков“. Во рамки на настанот ќе биде спроведена и хуманитарна акција за поддршка на полициски службеник. Активностите продолжуваат и во недела, кога во организација на Патриотско друштво ќе се одржи 11. Меморијален велосипедски круг. Од 7 часот група граѓани со велосипеди ќе тргне од Куманово до Гостивар.

Денеска се одржа и панихида во соборниот храм Свети Никола. Предраг Петрушевски, од група бранители, упати порака дека не смеат никогаш да се заборават.

-Единаесет години незаборав за хероите, кои го дадоа животот за Македонија. Затоа се собираме секоја година да им оддадеме почит, да не ги заборавиме. Никогаш нема да ги заборавиме. Покрај панихидата која веќе е традиција, во организација на синдикатот има настани кои се надевам дека и фудбалскиот турнир ќе прерасне во традиција. Вечна слава, нивните семејства да се живи и здрави, а ние никогаш да не ги заборавиме-кажа Петрушевски.

Кумановци, порачуваат дека настаните од мај 2015 не смеат да исчезнат од колективната меморија на градот.