ЕБУ: Негативен е тестот за дрога на победниците на Евросонг „Манескин“


Негативен е тестот за дрога на пејачот Дамијано Давид – фронтмен на „Манeскин“, италијанската рок-група која победи на Евровизија, соопшти Европската радиодифузна унија (ЕБУ).

„По обвинувањата за употреба на дрога во Зелената соба на големото финале на Евровизија во саботата, ЕБУ како што побара италијанската делегација, изврши темелно разгледување на фактите, вклучително и проверка на сите достапни снимки . Доброволно беше спроведен тест за дрога од страна на главниот пејач на групата ‘Менескин’, а резултатот е негативен“, соопшти ЕБУ.

Европската радиодифузна унија заклучи дека со оглед на тоа што не се користела дрога во Зелената соба, случајот го сметаат за затворен.

„Вознемирени сме што неточните шпекулации кои создадоа лажни вести го засенија духот и исходот од изборот и имаа нефер влијание врз групата. Уште еднаш им честитаме на ‘Манескин’ и им посакуваме огромен успех“, соопшти ЕБУ.

Обвинувањата за консумација на дрога се појавија поради кадар од ТВ-преносот, каде што пејачот се наведнува кон масата и изгледа како да шмрка кокаин, меѓутоа не се гледа дрогата. Прашан за случајот, тој одговори дека се наведнал оти еден од членовите на бендот скршил чаша крај неговите нозе.

Во Италија, тврдењето за наркотици не влијаеше на  италијанскиот естаблишмент кој  ѝ честиташе на групата за победата .

Нивната победа и донесе на Италија силно потребен поттик по страшната година како една од земјите најтешко погодени од коронавирусот и ќе го врати натпреварот следната година на местото каде што започнаа европските натпревари за песна.

Бендот беше омилен во обложувалниците на финалето на Евросонг и победи во драматичната завршница со гласовите на публиката.

„Манескин“ на дански „Месечина“  во чест на данското потекло на басистката Викторија Де Ангелис, победи со вкупно 529 поени.Франција беше втора, додека Швајцарија, која водеше по гласањето на националните жири, заврши на третото место.

“Прекрасно е. Неверојатно е “, рекоа членовите на групата вчера кога излегоа од авионот и ги пречекаа хорда новинари.

Де Анџелис рече дека бендот бил шокиран од тврдењата за употреба на дрога, кои особено гласно одекнувале во Франција.

Де Анџелис рече дека бендот сака да ги остави контроверзиите зад нив, бидејќи употребата на дрога е спротивна на нивниот етос и порака.

„Ние сме целосно против кокаинот и употребата на дрога и никогаш не би го сториле тоа, секако сме шокирани што многу луѓе веруваат во ова“, рече таа.

Бендот пред да стане славен настапуваше на Виа дел Корсо, главната трговска сообраќајница во центарот на Рим. Нивните безобразни настапи пред продавницата за чевли „Geox“ беа далеку од врвен настап, како што видовме на финалето во саботата вечер .

Давид на прес-конференција оваа недела рече дека започнувањето на улица е непријатно, бидејќи групата мораше да се бори со други музичари што се борат за истото ценето парче тротоар додека соседите се жалат на бучавата.

„Тие секогаш повикуваа полиција“, рече Де Анџелис смеејќи се.

Победата на Манескин беше трета победа на Италија на Евросонг, по 31 година, по победите на Џинола Чинквети во 1964 година и на Тото Котуњо во 1990 година. Победата значи дека Италија ќе биде домаќин на натпреварувањето следната година, а градовите допрва ќе конкурираат за оваа чест.

Лансирана во 1956 година за да се поттикне единството по Втората светска војна, Евровизија со текот на годините еволуираше од фестивал на баладите до спектакуларно шоу.  Од седум земји учеснички порасна на над 40 учесници, вклучително и неевропски како Израел и далечната Австралија.

Легендата вели дека Евровизија е инспирирана од италијанскиот музички фестивал Санремо, кој започнал во 1951 година како повоен обид за зајакнување на италијанската култура и економијата на крајбрежниот град на Лигурија, во кој се сместен оттогаш.

Фестивалот Санремо обично го избира официјалниот претставник на Италија за Евровизија.

„Манескин“ го освои Санремо оваа година со истата песна „Зити е Буони“ („Тивка и добра“) што ја изведе во саботата вечерта во Ротердам.

Де Анџелис рече дека се надева оти нивната победа ќе им испрати порака на идните италијански натпреварувачи дека канцоните не се единствениот жанр што може да донесе победа.

„Мислиме дека можеби отсега натаму повеќе бендови ќе имаат шанса да свират што сакаат и да не бидат под влијание на радија или на главниот жанр во Италија-канцоната“, рече таа.  (ЕБУ, АП)