ДЗР со неповолно мислење за работењето на Агенцијата за филм во 2021 година


Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за работата на Агенцијата за филм на сметката на основен буџет 2021 година во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2021 година. Исто така, државните ревизори издадоа неповолно мислење и за ревизијата направена во однос на сметката на Агенцијата за филм за средства од самофинансирачки активности.

Во извештаите на ДЗР, меѓу другото се констатира дека не биле донесени пишани процедури за текот на движење на документацијата за процесот на плаќање и процесот на финансирање на проекти, со утврдени должности и одговорности на лицата вклучени во процесот како и дека не бил доставен предлог од страна на Агенцијата до Владата за носење на Стратегија за развој на филмската дејност, заедно со акциски план и дефинирани активности, носители, мерки, индикатори за евалуација, рокови и извори на средства.

Државните ревизори исто така забележуваат дека не се донесени деловници за работа и слабости во делот на активностите на филмските советници, рецензенти и на финансискиот советник, што може да влијание на субјективно постапување при изборот на филмски проекти во претходно спроведените и идните конкурси.

Исто така, дека при објавувањето на конкурси за филмски проекти и други филмски проекти Агенцијата не се придржува на задолжителните услови и критериуми од ЗФД, ниту пак има донесено интерен акт-процедура со утврдени активности и чекори кои се преземаат при спроведување на постапката по конкурсот.

Не биле воспоставени контроли во исполнувањето на условите од страна на продуцентските куќи пред склучување на договорите и во сите фази од реализацијата на договорите, како и дека евиденцијата на доделените проектите во сите фази на реализација била неажурна, и не биле преземени мерки за раскинување на доделените договори кај проекти кај кои е утврдено непочитување на одредбите од договорите.

Во склучените договори со продуцентските куќи ревизорите утврдиле дека одредени слабости при следење на важноста на банкарските гаранции, не придржувањето до динамиката на реализација на филмскиот проект, доделување на дополнителни средства за финансирање на проект,  ненавремено склучување анекси на договори,  необезбедување на доказ за обезбедени средства при промена на копродукциски куќи, а биле утврдени и разлики помеѓу финансискиот план и приложената документација. Исто така  имало погрешно проценување на билансните позиции и прикажување на краткорочни финансиски обврски за финансирање на филмски проекти во поголем износ од 405.780 илјади денари.

Имало и недоследности во ангажирањето на вработени лица со договор на дело во услови кога Агенцијата од вкупниот број на систематизирани работни места има пополнетост од 31,43 отсто.

„Во делот за Останати прашања известуваме за прашања кои се однесуваат на  доуредување на Законот за филмската дејност поради недоречености во делот на регулирање на поимот истакнати поединци од областа на филмот и културата, за кои недостасува критериуми за звања и квалификации за да бидат именувани како членови на филмскиот совет“, се вели во извештајот на ДЗР.