Џилиан Стирк од Канада ќе ги предводи набљудувачите на ОДИХР на изборите


Експертот за човекови права, поранешен заменик министер во Канада и амбасадор, Џилиан Стирк, ќе ја предводи мисијата на ОДИХР на претстојните претседателски и парламентарни избори во Македонија.

Стирк веќе се сретнала со членовите на ДИК, но рече дека се уште е рано да дава оценка за делумните измени на Изборниот законик, што се случија две недели пред објавувањето на изборите, а не шест месеци, како што препорачаа одамна ОДИХР.

Стирк нагласи дека за првпат во Македонија ќе следат во исто време дупли избори и дека за низ ќе се прават посебни анализи, иако и ќе се координираат извештаите за теми што се заеднички. Нејзиното искуство досега вклучува следење, како шеф на мисиите, на избори во Унгарија, во Словачка и во Грузија, со кои ако се спореди Македонија, сепак не е толку комплексна задача.

Сепак, во неодамна објавениот извештај ОДИХР најави доаѓање на 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи, што покажува дека Македонија останува високо на агендата на ОДИХР, по се изгледа поради отпорот веќе неколку изборни циклуси да се имплементираат препораките на ОДИХР за натамошно демократизирање на изборите и за обезбедување вистински фер натпревар место доминација на најголемите партии. Во извештајот стои и оценката дека наспроти јавната расправа за изборните измени, кои потоа исчезнаа од видокругот на јавноста и не се знае што се случи со нив во Собранието, се воделе паралелни тајни разговори кои резултираа со измената на прагот за независните кандидати кои сега треба да обезбедат дури и до половината од потписите што треба да ги сбере кандидат за претседател на државата. Во извештајот исто така се нагласува политичкото рекламирање во медиумите со државни пари, недоволната контрола како се трошат тие пари и се навестуваат можни тензии и насилства на изборите. 

-ОДИХР работи во согласност со установена методологија за набљудување на избори. Ние сме целосно непристрасни и се засноваме на факти. Во рамките на мисијата ќе се направи проценка дали изборите се во согласност со заложбите кон ОБСЕ и други меѓународни обврски, како и со националното законодавство. Имаме клучен тим од 12 меѓународни експерти во Скопје од 12 земји учеснички на ОБСЕ. Станува збор за многу разнообразна група. Ќе бидеме во земјата и за претседателските избори и за парламентарните избори и ќе заминеме на 19 мај, рече амбасадорката Стирк.

Таа најави дека тимот експерти ќе работат на прашања поврзани со изборната администрација, правната рамка, политичката средина, кампањата, политичкото финансирање, финансирањето на кампањата и медиумите. Од наредната недела, Набљудувачката мисија , вели, треба да започне со интензивно следење на медиумите. 

Долгорочните набљудувачиќе бидат распоредени низ земјата во тимови од по двајца и тоа во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово и Штип, а два тима ќе има во Скопје.

-Ние ќе имаме комуникација со сите институции коишто се вклучени во изборниот процес, како и политичките партии и граѓанското општество. Врз основа на сите тие разговори ќе подготвиме прелиминарен извештај којшто треба да биде објавен на 9 април, додаде амбасадорката Стирк.

Инаку, на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе и се приклучат набљудувачи од Парламентарното собрание на Советот на Европа и од Европскиот парламент за двата изборни дена, а потоа и членови на Парламентарното собрание на ОБСЕ коишто ќе дојдат за парламентарните избори, во мај.

-Заедно ќе работиме со нашите партнери и заедно ќе дадеме заедничка изјава веднаш по секој изборен ден, односно на 25 април и на 9 мај. Ќе имаме прелиминарен извештај две недели пред изборниот ден, изјава за прелиминарните наоди коишто ќе бидат претставени на прес-конференција и конечен извештај којшто треба да се објави два месеци по изборниот процес, потенцира канадската амбасадорка Стирк.

Во однос на тоа дали е навистина зголемен бројот на набљудувачи и имаат ли некакви сознанија дека се очекуваат некакви конфликти, Стирк нагласи дека бројот на набљудувачи се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите по реализираната посета во јануари годинава.

-Има два вида на избори коишто се случуваат во ист ден, па не е невообичаено да имаме голем број на набљудувачи и бараме голем број набљудувачи низ двата вида избори. Како што кажав, ова се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите, вели шефот на набљудувачката мисија, амбасадорката Старк.