Џијан Емин ќе диригира со Симфонискиот оркестар од Бамберг на концерт во Германија

На концертната програма се дела од Јохан Себастијан Бах, Морис Равел и Чарлс Ајвс, како и нови авторски композиции напишани специјално за овој проект од Емин и Тристано


Диригентот и композитор Џијан Емин ќе диригира со Симфонискиот оркестар од Бамберг, на концерт што ќе се одржи денеска (18 јуни) во овој германски град.

По успешната соработка минатата година, Емин повторно ќе настапи со светски познатиот пијанист, композитор и продуцент Франческо Тристано од Луксембург. На концертната програма се дела од Јохан Себастијан Бах, Морис Равел и Чарлс Ајвс, како и нови авторски композиции напишани специјално за овој проект од Емин и Тристано.

„Голема чест е повторно да работам со Бамбергер Симфоникер и со Франческо Тристано. Ова е проект што отвора нови креативни перспективи преку авторска музика создадена специјално за овој состав и оваа програма“, вели Џијан Емин.

Во изминатите години, тој имаше бројни настапи и соработки низ Европа, претставувајќи ја македонската музичка култура на сцени каде што настапуваат најдобрите светски уметници и ансамбли.