Џеф Безос ја напушта функцијата извршен директор на „Амазон“, еве кој ќе го замени
Џеф Безос се повлекува од функцијата извршен директор на Амазон, соопшти компанијата. На негово место доаѓа Енди Џеси.
„Возбуден сум што објавувам дека Енди Џеси ќе стане новиот извршен директор. Имам намера да ги насочам енергијата и вниманието кон нови производи и иницијативи“, изјави Безос во електронска порака испратена до вработените.
Безос ја основаше „Амазон“ во 1994 година и оттогаш ја претвори од е-книжарница во мега продавница за малопродажба преку Интернет која продава и доставува секаков вид производи ширум светот.
Во јануари минатата година, „Амазон“ ја надмина пазарната вредност од една милијарда долари под водство на Безос. Сега вреди повеќе од 1,6 билиони долари.
Педесет и двегодишниот Џеси се приклучи на Амазон во 1997 година, каде што го водеше тимот на веб-услуги во облак на Амазон уште од неговото основање. „Амазон веб-услуги“ (AWS) – што обезбедува компјутерско складирање во облак за влади и компании, вклучувајќи ги „Мекдоналдс“ и „Нетфликс“ – стана една од најважните деловни активности на компанијата, сочинувајќи 10 отсто од продажбата во последниот квартал и 52 отсто од профитот на компанијата.
„Амазон е тоа што е заради инвенцијата“, рече Безос. „Ако го сторите тоа правилно, неколку години по изненадувачкиот изум, новата работа станува нормална. Луѓето зеваат. Тоа зевање е најголемиот комплимент што еден пронаоѓач може да го добие. Кога ќе ги погледнете нашите финансиски резултати, она што всушност го гледате се долгорочните кумулативни резултати на пронајдокот“.
„Во моментов, го гледам Амазон најинвентивен досега, што го прави оптимално времето за оваа транзиција“, вели Безос .
Безос се повлече од секојдневното водење на „Амазон“ во последните неколку години за да посвети поголемо внимание на неговите други интереси, вклучително и истражување на вселената и неговата сопственост во „Вашингтон пост“.
Но, неговото заминување како извршен директор беше неочекувано.