Собранието ќе добие нов Деловник, Џафери го поднесе предлогот


Фото: Б. Грданоски

 

По повеќегодишни разговори меѓу пратеничките групи претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска го поднесе во редовна собраниска процедура предлог-Деловникот за работа на Собранието. Новиот деловник е резултат на процесот на Дијалогот „Жан Моне“, којшто е заеднички процес на Европскиот парламент со Собранието.

Во предложениот Деловник е предвидено одредбите да почнат да се применуваат од наредниот пратенички состав што придонесе многу во донесувањето на непристрасни решенија со консензус и за пратениците од власта и за пратениците  во опозиција.

Предлогот е веќе доставен до пратениците во писмена и во електронска форма а ќе биде предложен за прво читање како дополнение на дневниот ред на 127. пленарната седница закажана за 3 октомври 2023 година.

Во образложението на предлогот стои дека на 15 септември 2023 година се одржала средба на претседателот на Собранието со потпретседателите на Собранието и координатори и претставници на пратенички групи. „На таа средба се разгледа одредбите на предлог-Деловникот на којшто се работеше и дека тој е производ на отворено и конструктивно учеството на пратениците од сите пратенички групи и претставници на политички партии“, се вели во образложението.