Двојна придобивка: Електричните автомобили да складираат енергија


Тие би можеле да донесат огромни заштеди на енергија во Европа.

Електричните автомобили опремени со двонасочен систем за полнење можат да функционираат како мобилни батерии кои се полнат кога има вишок капацитет во мрежата и ја враќаат енергијата кога побарувачката е голема.

Сепак, за ова да стане реалност, ЕУ мора да работи на стандардизација, што значи дека возилата и полначите мора да бидат компатибилни без разлика на брендот.

Технологијата „Vehicle-to-grid“ (V2G) може да заштеди на енергетскиот систем на ЕУ 22 милијарди евра годишно до 2040 година (веќе до 2030 година се очекуваат заштеди од 5,5% или 9,7 милијарди евра годишно).

Тоа би значело намалување на трошоците за изградба и управување со енергетскиот систем на Европската унија за 8%.

Истражувачкиот институт Fraunhofer ISI и организацијата Транспорт и животна средина (T&E) стојат зад овој извештај.

Во периодот од 2030 до 2040 година тоа би довело до конкретни заштеди од 100 милијарди евра.

Големото потенцијално намалување на трошоците доаѓа од фактот што електричните автомобили можат да помогнат во управувањето со транзицијата кон обновливи извори на енергија во електричните мрежи.

Поврзаните електрични автомобили дома или на работа може да ја намалат потребата од стационарно складирање на батерии кога има вишок ветер или сончева енергија.

Со складирање на вишокот енергија, кој инаку би се изгубил, европската флота на електрични автомобили би можела да обезбеди до 9% од годишните енергетски потреби на ЕУ до 2040 година.

На овој начин, електричните автомобили би станале четврти по големина снабдувач на електрична енергија во ЕУ и би ја намалиле потребата од дополнителни капацитети за производство на енергија.