Две повредени лица од Македонија рано утринава пристигнале во Загреб


Две лица од Северна Македонија, кои се повредени во пожар во ноќен клуб во Кочани, рано утринава по 4 часот пристигнале на лекување во Хрватска, јавува Дневник на Нова ТВ.

Тие се лекуваат на Клиниката за трауматологија на КБЦ Сестра на милосрдието во Загреб, од каде подоцна ќе ја информираат јавноста за состојбата на пациентите.

Заедно со Грција, Бугарија, Србија и Турција, рака на помош им подава и Хрватска на настраданите од големата трагедија во Северна Македонија, каде што најмалку 59 лица загинаа во пожар во дискотека. Од 150 повредени, повеќе од 40 се во критична состојба.

Познато е и како ќе изгледа третманот на пациентите на Клиниката за трауматологија. Предвидено е да се дефинира тежината на нивните повреди, степенот на изгорениците и повредите на другите телесни функции, со оглед на тоа што преживеале тешка психофизичка траума. Потоа се подготвува план за лекување.

„Со оглед на тоа што се работи за пациенти кои изгореле во затворени простории, всушност очекуваме дека ќе бидат посериозно изгорени со некој поголем процес на површината на кожата. Очекуваме да имаат изгореници со вдишување, или изгореници на респираторниот тракт“, изјави вчера за Дневник на Нова ТВ Тихана Магдиќ Турковиќ од Клиниката за трауматологија.