Два гафа на Трамп: „Во петок одам во Русија да се сретнам со Путин“
На два пати американскиот претседател денеска на прес-конференција рече дека ќе оди во Русија, за на крајот да каже дека е „фер што Владимир Путин доаѓа во нашата земја (во Алјаска)“

Американскиот претседател Доналд Трамп одржа прес-конференција на која посвети многу време на војната во Украина и најавената средба со рускиот претседател Владимир Путин. Иако претходно беше најавено дека средбата ќе се одржи во Алјаска, Трамп направи двојна грешка велејќи дека ќе се сретне со рускиот претседател во – Русија, пишува Скај њуз.
Тој прво го кажа ова додека зборуваше за „вонредната состојба за јавна безбедност“ во Вашингтон: „Ова е трагична вонредна состојба и ми е срам што стојам тука. Знаете, ќе се видам со Путин. Одам во Русија во петок. Не сакам да стојам тука и да зборувам за тоа како овој некогаш прекрасен главен град сега е небезбеден, валкан и одвратен град со графити на ѕидовите“.
Малку подоцна, Трамп рече: „Одиме во Русија. Ќе биде голема работа“. Но, кон крајот на својот говор рече: „Мислам дека е многу фер што претседателот на Русија доаѓа во нашата земја, наместо ние да одиме во неговата земја или некое трето место“.
За потсетување: откако поранешниот претседател Џо Бајден погрешно го претстави украинскиот претседател Володимир Зеленски како Владимир Путин, републиканците го опишаа претходникот на Трамп како „тотално несоодветен за работата“.
Трамп, исто така, во својата изјава рече дека смета дека разговорите со Путин „ќе бидат добри, но можеби лоши“. „Јас сум тука од една причина – да се стави крај на војната што некој друг ја започнал“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека „на крајот на краиштата, имам намера да ги ставам двајцата (Путин и Зеленски) во иста просторија“, без разлика дали бил таму или не, бидејќи мисли дека „проблемот ќе биде решен тогаш“.
Тој потврди дека ќе разговара со европските лидери пред да се сретне со Путин. На прашањето дали Зеленски ќе учествува и на состанокот во петок, Трамп одговори: „Тој не е дел од тоа. Би рекол дека може да дојде, но бил на многу состаноци, таму е три и пол години и ништо не се случило“.
Го опиша состанокот како запознавање
Тој верува дека ќе знае „веројатно во првите две минути“ од средбата со Путин дали може да се постигне договор. Го опиша состанокот како меѓусебно запознавање и вели дека Путин сака да разговара и да ја заврши војната.
„Го кажав тоа неколку пати и бев разочаран. Имав одличен разговор со него, а потоа беа испукани ракети кон Киев или некое друго место. Ќе му кажам дека мора да ја заврши војната“, нагласи Трамп.
Тој додаде дека самиот нема да посредува во договор меѓу Русија и Украина. „Тоа не зависи од мене. Добив покана дека сакаат да се сретнат и ќе видам за што сакаат да разговараат. Би сакал да видам прекин на огнот, би сакал да видам најдобар можен договор за двете страни. Потребни се двајца за танго“, заклучи Трамп.
Трамп претходно спомена размена на територии, но ниту Русија ниту Украина не покажаа интерес за територијални отстапки како дел од мировен договор. Европејците стравуваат дека поголемите отстапки кон Русија би можеле да создадат безбедносни проблеми за Западот во иднина.
Русија во моментов окупира околу една петтина од територијата на Украина, а Украина речиси и да нема руска територија под своја контрола. Трамп рече: „Ќе има одредена размена на територија“. „Го знам ова преку Русија и преку разговори со сите во корист на Украина“, додаде тој. Тој рече дека Русија окупирала „многу важна територија“, но дека „ќе се обидеме да вратиме дел од таа територија“.