ДУИ: Следните денови ќе објавиме докази за трагедијата во Кочани


Фото: Б. Грданоски

 

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбр Адеми денеска соопшти дека во текот на следните денови ќе излезат со целосна документација и докази за тоа кој, како и на кој начин дозволил да се случи грозоморната трагедија во Кочани. Потенцира дека ќе поднесат и пријава до Јавното обвинителство за покренување постапка за кривична одговорност за надлежните лица и институции, бидејќи, како што рече, одговорност мора да има и оваа трагедија не смее да се дозволи да се повтори повеќе никогаш.

„Катастрофалната трагедија во Кочани, во која загинаа голем број наши сограѓани, покрена многу прашања за безбедноста, контролата и функционирањето на институциите, особено за оние кои согласно закон знаеле и биле должни да знаат што се случува. Ова е трагедија од невидени размери, каде животот го загубија голем број млади луѓе. Одговорност мора да има, а во случајов ноторен факт е дека во март 2024 година министерот за економија Крешник Бектеши не дозволил да се издаде лиценца за тој објект, бидејки објектот не исполнувал услови, лиценца нема во регистарот на Министерството, ниту администрацијата изготвила таква лиценца во 2024 година. А, зошто објектот до март 2025 година работел без лиценца, одговорот треба да се побара на местото каде мора да се бара и добие одговорност за оваа трагедија“, рече Адеми на денешната прес-конференција во партиското седиште во Скопје.
 
Адеми рече дека градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов кој три години владее со општината знаел и бил должен, како што наведе, да знае дека фирмата „ММММ Кафе“ од Кочани нема лиценца и не исполнува услови да ја врши таа дејност во неговото населено место.
 
„На објектот каде се вршела дејност во март 2024 година Министерството за економија не дозволила да се издаде лиценца. За прашањата дали во 2012 година биле направени сите потребни проверки и дали било утврдено дека просторот ги исполнува стандардите за противпожарна заштита, безбедносни излези и капацитет за евакуација, одговорот е едноставен. Во 2012 година односно пред 13 години објектот и да ги исполнувал минимално техничките услови да врши некаква дејност, тој во 2024 година не ги исполнувал условите да врши дејност кабаре, односно ноќен клуб. Затоа клучно е кои институции, кои функционери и со чија одлука е дозволено во 2024 и 2025 година без лиценца дека смее да извршува дејност ноќен клуб, односно кабаре, и овој објект да функционира. Сметаме дека на јавноста ѝ е јасно кој апсолутно владее во изминатата година во Македонија, во чие време се случи оваа трагедија, кој дозволил да се случи и чија е одговорноста за случувањето на оваа трагедија, а одговорност мора да има“, рече Адеми. 

Според Адеми, тврдењата дека од некој од Министерството за економија издал лажна лиценца се целосна конструкција.

„Согласно Правилникот за исполнување на минимално–техничките услови, правното лице пријавата за исполнување на минимално-техничките услови за вршење на трговија и започнување со работа на продажен или друг деловен објект ја доставува до надлежниот орган на општината Кочани, кој е надлежен и должен да врши контрола. Пријава за исполнување на минимално-техничките услови правното лице ја доставува и до Државниот пазарен инспекторат во Кочани, кој е надлежен и должен да врши контрола. Согласно правилникот за исполнување на минимално-техничките услови за вршење на угостителска дејност во член 9 е утврдено дека објектите е неопходно да ги исполнуваат условите односно со барањето за донесување решение за издавање лиценца за кабаре да достават решение од Централен регистар, уплатен надомест до општината Кочани, пријавата за исполнување на минимално-техничките услови за вршење на дејност доставена до ДПИ и до општината Кочани, како и согласност од МВР дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедност во сообраќајот. Министерството за економија, токму поради фактот дека не биле исполнети условите за издавање лиценца и не била доставена потребната документација не издал лиценца. Тврдењата дека од Министерството за економија некој издал лажна лиценца се целосна конструкција, ако некој, поточно државниот секретар зел пари да издаде лиценца, истата ќе ја издал и ќе била евидентирана во Министерството, но и во регистарот на лиценци кој постојано месечно се апдејтира со најнови податоци, таква лиценца не е евидентирана бидејќи не е издадена. Ако некој фалсификувал документ надвор од институцијата, одговорноста е на поединецот или групата кои го сториле истото и одговорност мора да има“, рече тој.
 
Потпретседателот на ДУИ дополни дека  „во обид да ги спасат своите кадри од одговорност која мора да ја има, а првенствено градоначалникот на општина Кочани и надлежните во Министерството за внатрешни работи Кочани, кои секојдневно биле во објектот каде се случи трагичниот настан, Владата на ВМРО-ДПМНЕ со конструкции се обидува гневот да го насочи кон барање одговорност каде што ја нема“.
 
 „Вистината за одговорноста е следна – несреќата се случи во време кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ со целосна контрола над сите институции и во централна и во локална односно општинска власт во Кочани, има градоначалник на Кочани од редовите на ВМРО и началник на МВР Кочани на предлог на градоначалникот. Министерството за економија во 2024 година токму опради неисполнување на услови ниту дало одобрение, ниту административните служби во Министерството за економија издале лиценца за ова кабаре, односно ноќен клуб, за работа. Овој факт се обидува некој да го дефокусира со наводен фалсификат кој не се знае дали постои, кој го направил, а можно е да е креиран токму за цел да се избегне одговорност за оние кои се власт три години, а дозволиле цела година без лиценца илјадници настани да се одвиваат во објектот каде се случи кобниот настан. ВМРО-ДПМНЕ не се на власт 1 месец туку се на власт речиси една година. Во таа година целосно го реформираа Министерството за економија и го трансформираа во Министерство за економија и труд. Во тоа време морале да водат сметка за што се случува со објектите и да контролираат преку своите институции дека таму нема услови и токму затоа нема лиценца издадено. Градоначалникот на Кочани Папазов не само што била должен да знае туку и бил должен да врши секојдневно контрола над рабоењето на објектите под своја надлежност. Во Кочани како општина со 31.602 жители, и само две места кои работат дејност ноќен клуб односно кабаре, Папазов и надлежните од општината знаеле и биле должни да знаат дека фирмата ‘ММММ Кафе’ нема лиценца и не исполнува услови“, рече Адеми.